Медицинскиот персонал во италијанска болница го чуваат војници

59

Медицинскиот персонал во болница во јужниот регион на Калабрија од понеделникот го чуваат војници, по насилните напади врз лекарите и медицинските сестри низ Италија од страна на гневните пациенти и нивните роднини.

Агенцијата АНСА нападот врз болницата „Поликлинико“ во Фоџа, во јужниот регион на Пуља, на почетокот на септември го нарече пресвртница. Група од педесетина роднини и пријатели на 23-годишна жена, која починала за време на итна операција, го нападнале персоналот во болницата. Сличен масовен напад се случи минатата сабота наутро во Пескара во регионот Абруцо.

На социјалните мрежи вирално стана видео од нападот на поликлиниката. На видеото се гледа како лекарите и медицинските сестри се забарикадирале во собата за да избегаат од напаѓачите. Неколку од нив се повредени.

Два дена подоцна, уште еден бран насилство ја потресе истата болница, при што пациент со клоци и тупаници удри три медицински сестри во итната медицинска помош.