Иако речиси целата македонска јавност очекуваше и посакуваше, „Медена земја“, за жал не го доби Оскарот ниту за најдобар документарен филм, нуту за најдобар интернационален филм на 92. Свечена церемонија на доделувањето на наградите на Американската филмска академија во Лос Анџелес.
Сепак ова не го намалува успехот кој овој документарец во режија на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска го постигна на фестивалите ширум светот, а го започна токму во САД, на „Санденс“ кога ги доби наградите најдобар документарен филм, за кинематографија и наградата „Impact and change“.
Оскарот во Македонија годинава се следеше со голема возбуда и очекување, а во МКЦ и организирано и групно, бидејќи Македонија за првпат по 25 години повторно имаше свој филм номиниран за наградата Оскар, по филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски (1995). Интересот беше голем и заради тоа што „Медена земја“ беше прв македонски филм номиниран во две категории – за долгометражен документарен и интернационален филм. Големиот успех „Медена земја“ го потврди и со тоа што, како што соопшти Агенцијата за филм, влезе во историјата на Американската филмска академија, со тоа што стана прв документарец номиниран во две категории.
Инаку, во категоријата документарен филм победи филмот „Американска фабрика“, а во категоријата интернационален филм – „Паразит“ на Бон Џун-хо.
Како што е познато, „Медена земја“ беше сниман во срцето на Македонија, а го документираше животот на пчеларката Атиџе која живее во симбиоза со природата и се грижи за нејзината болна мајка. Продуцентот на филмот Атанас Георгиев за Франц прес деновиве изјави дека голема заслуга за феноменалниот успех на филмот има „прекрасното срце“ на Атиџе, но и дека на екипата ѝ „помогнала и магијата од нејзината мајка ‘кралицата пчела’ на филмот“. Меѓу многуте награди кои „Медена земја“ ги доби низ целиот свет се и за најдобар документарен филм на DocsBarcelona 2019, на DocAviv Film Festival 2019, на Montclair Film Festival 2019, а се најде и на листите на најдобрите годинешни остварувања на многу значајни списанија како „Њујорк Тајмс“, „Ролинг Стоун“, „Варајети”, „Венити феир“. Улогите во филмот ги толкуваат Атиџе Муратова, Назифе Муратова, Хусеин Сам, а сниматели на филмот се Фејми Даут и Самир Љума. (Н.И.Т.)