Министерството за внатрешни работи денеска објави потерница по поранешниот адвокат Александар Ристески, поради истрага за сторено кривично дело според член 292 став 1 и член 288 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Тој се сомничи за предизвикување на пожарот во Адвокатската комора на Македонија на 25 ноември. Несреќата се случила неколку недели по дисциплинската мерка која била донесена против него – одземање на лиценцата за период од три години.
Обвинителството започна истрага, а причинетата штета од пожарот се проценува на околу 150 илјади евра. Според наводите на обвинителството, на денот на инцидентот осомничениот дошол со своето возило до зградата на Адвокатската комора, маскиран со фантомка. Со секира ја скршил влезната врата, а потоа поставил коцки со керозин на скалите. Врз нив поставил повеќе плински боци, кои ги запалил со плинска запалка.