МВР го потврди случајот:Член на обезбедувањето на Мицкоски нападнал колега полицаец

    20

    Обезбедувањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, Ивица Б., вчера во раните утрински часови  се степал со колега полицаец кој во моментот извршувал работни обврски. Тој веднаш е лишен од слобода, а од Министерството за внатрешни работи го потврдија инцидентот.

    Според нив настанот се случил  во 00:40 часот по полноќ, во угостителски објект на подрачје на општина Центар, при што веднаш интервенирале припадници на Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје. Полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје го лишиле од слобода И.Б. (43) од Скопје, полициски службеник кој не бил на должност, затоа што физички нападнал полициски службеник кој изврѓувал службени дејствија. Лицето било приведено во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна  пријава, велат од МВР.

    Веднаш стигна реакција  и од ВМРО-ДПМНЕ.

    Споменатото лице за кое медиумите известуваат дека било дел од инцидент е ангажирано како дел од обезбедувањето, но истото не е шеф на обезбедување на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Од она што ни е познато станува збор за лична нетрпеливост меѓу двајцата полициски службеници.

    По ваквиот настан, истото ќе биде отстрането од обезбедувањето и нема да има никакви работни ангажмани поврзани со Претседателот на партијата.

    Бараме органите, без задршка да ги преземат сите потребни мерки за расветлување на настанот и најостро да казнат секaков вид на насилство, постапувајќи во согласност со законот, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

    Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски,  бара од надлежните институции и служби целосно да го расчистат случајот. -Во однос на инцидентот кој се случи изутринава пред угостителски објект на територија на СВР Скопје, а во кој се инволвирани полициски службеници, сакам да ја известам јавноста дека најостро осудувам секаков вид на насилство, а особено кога истото е сторено од страна на вработени во министерството за внатрешни работи. За наведниот настан веднаш е известен надлежен јавен обвинител кој даде насоки по кои во моментов се постапува, а од страна на надлежните служби во министерството побарав да се постапи максимално професионално и согласно стандардните оперативни процедури, сè со цел во најбрз можен рок да се расчисти овој случај, а за исходот од преземените дејствија веднаш ќе биде известена јавноста, порача вчера министерот Тошковски.