Криштов Дугари со репрезентацијата на Франција ја освои светската титула во 1998 година и европската две години подоцна. Благодарение на одличната соработка со Зинадин Зидан во дресот на Бордо, Дугари прво си обезбеди трансфер во редовите на Милан, а потоа и во тие на Барселона.
Поранешниот напаѓач моментално е стручен коментатор за Радио Монте Карло, каде е познат по тоа дека не бира зборови, а во последната емисија удри со дрва и камења по бомбардерот на ПСЖ, Килијан Мбапе, кој имаше жолчна расправија со германскиот стручњак Томас Тухел откако беше заменет за време на првенствениот натпревар против екипата на Монпеље (5:0).
Репрезентативецот на Франција збесна и се обиде на секаков можен начин да се оттргне од прегратката на Тухел кој се обиде да му објасни зошто е заменет.
- Морам да признаам дека ме погоди тоа што го видов, мислев дека такво нешто е невозможно. Не можам да ви опишам колку ме разочара Мбапе, кој до тој момент се однесуваше далеку позрело во споредба со своите тимски колеги. Се однесуваше како разгалено дете. Со таквиот потег покажа дека нема никакво почитување кон тренерот и кон тимските колеги. Срамота е тоа што го направи. Мора да сфати дека во тимот има и други фудбалери кои заслужиле да играат, кои заслужиле да го заменат, изјави Дугари.