Во рамките на 47. Мајски оперски вечери, утревечер (22 мај), со почеток во 20 часот ќе биде изведено оперското ремек-дело „Боеми“ од Џакомо Пучини. Операта e во четири чина, а дејството во неа се одвива во Париз кон крајот на 19 век. Либретото се базира на „Сцени од животот на боемите” на Хенри Мургер.

„Публиката за миг ќе биде пренесена во париските поткровја каде што неколку млади уметници и покрај сиромаштија и борејќи се за основните потреби на секојдневието (храна, огрев) живеат крепејќи се од идеалите и љубовта, а без скршена пара во џебот претендираат да живеат боемски“, стои во најавата на Националната опера и балет.

Диригент е Оливер Балабурски, а режисер Дејан Прошев.

Во операта настапува врвна солистичка екипа. Улогата на Родолфо ќе ја толкува добро познатиот тенор Иван Момиров од Бугарија. Цветелина Василева од Бугарија со својот уникатен лирско – драмски сопран ќе ја изведе улогата на Мими. Таа има богата музичка кариера настапувајќи низ најпрестижните оперски куќи како што се Метрополитен во Њујорк, Кралската опера „Ковент Гарден“, Државната опера на Берлин и многу други низ целиот свет.

Валдис Јансонс од Латвија, пак, ќе настапи како Марчело, Андреа Ѕаупа од Италија во улогата на Шонар, додека заводливата Музета ќе ја толкува Катерина Стојановска. Владимир Саздовски ќе ја игра улогата на Колин.