Феномен се случи во Македонија, на Клиниката за гинекологија и акушерство, мајка стана 61- годишна скопјанка, која на свет го донесе Петар. Бебето и мајката се во добра здравствена состојба и, како што велат од Клиниката, дома заминале во неизмерна среќа и радост. Бебето е тешко 2.350 грама и долго 48 сантиметри. Зачнато е ин витро, од јајце-клетка што мајката ја замрзнала пред повеќе од 30 години. Таткото е 65-годишен сопруг и немал проблем со семениот материјал. По 37 години поминати во брак и многу неуспешни обиди, тие не се откажале од желбата за потомство.
– Дека во светот на медицината повеќе не постојат граници и дека Македонија може да се мери со светските достигнувања, зборува и раѓањето на бебето Петар, кое на свет го донесе највозрасната прворотка во државата, 61-годишна пациентка. Ова е првата пациентка во нашата држава што останала бремена со сопствена јајце-клетка, бременоста била следена во нашата држава и пациентката се породила во нашата држава. Пациентката беше породена во 36. гестациска недела, со царски рез и со уреден оперативен тек. Мајката и бебето се во одлична општа состојба. Мајката херој, како што ја нарековме, е пациентка со исклучително тешко гинеколошко и акушерско минато, со 10 ин витро интервенции и со 10 спонтани абортуси. Во изминатите години, пациентката имала и други три гинеколошки операции. Во текот на оваа бременост, имала покачен крвен притисок и дијабетес, но бременоста била уредна и контролирана – случајот со највозрасната родилка во земјава го објави директорката на ГАК, Ирена Алексиовска- Папестиев.
Највозрасната мајка во земјава за прв пат уште пред триесетина година замрзнала јајце-клетки, затоа што се соочувала со повеќе гинеколошки проблеми. Според директорката на ГАК, во одредени држави постои законски одредена возрасна граница до кога може да се употребуваат овие асистирани репродуктивни техники, меѓутоа во нашата држава и во некои други не постои таква граница и затоа кај жената била направена ин витро фертилизација со сопствената јајце клетка што ја замрзнала уште кога почнала да го третира својот проблем со неплодноста. Со пациентката разговарал и психолог во болницата и таа била пресреќа и расположена, сите гинеколози разговарале со неа и утврдиле дека нема да има никаков проблем по раѓањето, објаснува Алексиовска- Папестиев.
Нашата највозрасна мајка е на второ место во регионот, прва е Љубица од Србија, која родила на 62-годишна возраст, но со донирана јајце- клетка. Во светот, најстара родилка е жена од Индија, која станал мајка на 76 години.
Инаку, првата бременост од замрзната јајце- клетка во „банка“ се случила во 1986 година. Според информациите достапни на Интернет, првично претежно била користена од пациентите со рак, пред да почнат со хемотерапија, која ги уништува јајце-клетките, и од жените што се соочуваат со медицински проблеми кои може да доведат до неплодност. До пред неколку години, многу јајце-клетки не го преживуваа процесот на замрзнување и одмрзнување. Но, во последните неколку години, експертите развија „брзо замрзнување“, исто така познато како витрификација, брз процес што им овозможува на повеќе од 90 отсто од замрзнатите јајце- клетки да преживеат. Процесот функционира на следниов начин: жената прима лекови за плодност, кои го стимулираат производството на јајце-клетки, кои потоа се собираат, замрзнуваат и чуваат на температура од минус 190 Целзиусови степени. Откако ќе се замрзнат, тие може да се чуваат со години. Кога ќе реши жената да оформи семејство, јајце-клетките се одмрзнуваат и се оплодуваат, а потоа ембрионот се култивира и се става во матката. Најдобро време за замрзнување јајце-клетки е кога има жената меѓу 25 и 35 години, затоа што тогаш тие се со најдобар квалитет. Замрзнувањето во „банка“ чини околу 2.000 евра со доплата за секој период од две години.
Неодамна, на оваа тема во весникот ВЕЧЕР објавивме ексклузивно интервју со светски познатиот гинеколог, д-р Соња Лазаровска, која со години работи во најпрестижната Клиника во Прага и им има помогнато на многу пациенти што со години се бореле со стерилитет. Докторката, во интервјуто за весникот ВЕЧЕР, зборуваше за своите пациенти кои, слично како во случајот со 61-годишната мајка, никогаш не ги изгубиле вербата и упорноста за потомство.
– Тоа се ситуации кога мораме да бидеме покрај нашите пациенти и да не ги осудуваме кога се обидуваат и во случај кога шансите се 1 %. Тогаш можеме да направиме една работа за нив, да ја одработиме нашата работа 100 %, безрезервно и, исто така, со многу верба да очекуваме чудо. Тогаш и се случува тоа и е вредно за трудот – е ставот на Д-р Лазаровска, кој го сподели со ВЕЧЕР.
– Вистина е дека над 40 години клинички се применуваат методи на асистирана репродукција. Нејреволуционерно, за мене, е што во една нова гранка на медицината, внимателно, според законските и етичките норми, стекнавме и развиваме искуства и методи, што неминовно, со текот на времето, ги подобри резултатите. Би истакнала две методи од пресудно значење. Тоа се: методата на интрацитоплазматски инјекции (ICSI), со чија помош се обезбедува оплодување на јајце-клетките и превентивно замрзнување ембриони и јајце-клетки со методот на витрификација. Овие методи денес се пресудни и основни во медицински асистираната репродукција (MAR). Освен тоа, рутински правиме генетско тестирање на ембриони (PGT-A,PGT-SR,PGT-M), во зависност од индикациите. Стекнуваме сè повеќе искуство и знаеме дека е важно да ги процениме индикациите и целосната прогноза, а не да ги правиме сите методи по секоја цена – објасни тогаш за весникот ВЕЧЕР д-р Соња Лазаровска. (П.А.)