Темелно ќе се решаваат проблемите на лекарите од страна на Фондот за здравствено осигурување. Една од мерките е и преку дигитализација да се намалат бирократијата и можноста за злоупотреби. Како што информираат од ФЗО, решавањето на проблемите со кои се соочуваат лекарите во државава било тема на разговор на директорите на ФЗО, Сашо Клековски и Бранко Аџигогов, со претставниците на Здружението на приватни лекари (ЗПЛ), Лилија Чолакова-Дервишова и Мевљудин Куч.

– Приватните здравствени установи (ПЗУ) се носечки столб на примарното здравство и тие се првиот контакт на граѓаните со лекарите. Нивната подобра ефикасност зависи од подобрите услови за работа, што значи, пред сѐ, намалување на бирократијата, која во моментов е обемна. Планот на ФЗО е значајно да го подигне степенот на дигитализација и со тоа драстично да се намали бирократијата, а во исто време да се постигне побрз проток на информации меѓу институциите во здравствениот систем. Дигитализацијата ќе ја намали и можноста за злоупотреби, а во исто време ќе ја подобри услугата на пациентите – потенцира в.д. директорот Сашо Клековски.

На средбата заеднички било констатирано дека само со дијалог, отворен однос, двонасочна комуникација, може да се решат сите проблеми во интерес на лекарите и на пациентите. Според нив, треба да се решат наталожените проблеми како што се барањата за уредување на односите ПЗУ и матичните доктори, зголемување на капитацијата, како и измени во казнените политики.

Матичните лекари веќе подолго време бараат зголемување на капитацијата, но и измени во казнените политики – укинување на дестимулацијата и казните изразени во проценти од плата, за што, изминативе месеци, беа казнети бројни лекари од примарното здравство.

– Како вонредна мерка, ЗПЛРМ побара во текот на екстремните температури, хроничните пациенти да не се препраќаат до специјалисти за нови препораки, туку да важат старите. За ова барање веднаш е информирано Министерството за здравство – се додава во соопштението на ФЗО.