Матеј Петров од Скопје е годинашен победник на традиционалниот Национален слем-натпревар, кој се одржува секоја година, веќе 14 години, во Прилеп. Победникот беше избран од петчлено жири избрано од публиката, на почетокот од настанот, во кое беше и неколкукратната национална победничка и претставничка на Европското слем-првенство, Марија Грубор од Велес.

Петров досега има издадено две книги: „Quarantena, the isolation poems“ (2021) и „Кој мисли, кога ѕвонат внатре мислите“ (2024), во соработка со својот најдобар другар, Александар Алексов Балабанов.

Матеј победи во вториот од двата круга, кога се натпреваруваше со второпласираниот Виктор Спасески од Прилеп, кому ова му е втор пат да биде второпласиран во финалето. Третото место, со ист број поени, го делеа четири „слемерки“: Вероника Димоска од Струга, Виолета Колевска- Атанасоска од Битола, Даница И. Лепојевиќ од Велес и Марина Икономова-Шокева од Охрид.

Оваа година, на слемот настапија дваесетина слемер(к)и од цела Македонија: Биљана Јандреска-Андоноска (Прилеп), Бобан Богатиновски (Куманово), Вероника Димоска (Струга), Викторија Стојовска (Кичево), Виолета Колевска-Атанасоска (Битола), Даница И. Лепојевиќ (Велес), Дијана Петкова (Скопје), Елизабета Павловска (Куманово), Јасмина Волческа (Прилеп), Јулијана Маринковиќ (Ресен), Марија Марковска Стојчева (Скопје), Марина Икономова-Шокева (Охрид), Миланчо Пендев (Кавадарци), Сара Миланоска (Прилеп), Снежана Паноска (Прилеп) и Тања Кузманоска (Штип).

Гостинка на манифестацијата беше поетесата на „Версополис“, Шенон Саливан од САД, која живее и твори во Германија и која имаше свој целовечерен слем-настап.

Во рамките на манифестацијата се одржаа и придружни настани: отворен микрофон, поетско читање на Трескавец, посета на литургија, изложба на авторот и уметник Владимир Лукаш, слем-караван на повеќе локации во центарот на Прилеп и промоции на книгите „Јазик за двајца“ („Прозарт медиа“, 2024) од Бранислав Николов (Пијан Славеј), „Модра мрежа“ („ПНВ Публикации“, 2024) од Марина Шокева, „Додека спиеш“ („Чудна шума“, 2024) од Биљана Стојановска и „Сега ти стануваш јас“ („Чудна шума“, 2024) од Долорес Атанасова-Лори.

Националниот слем-натпревар е во организација на Театарската работилница – Прилеп, Игор Трпчески и на Елена Пренџова.