Масовно труење со храна во рестораните на „Мекдоналдс“ во САД

9

Најмалку едно лице почина, десет се хоспитализирани, а 49 се разболеле поради труење со бактеријата ешерихија коли во франшизите на Мекдоналдс во десет американски држави.

Официјални лица на американскиот Центар за контрола на болести и здравје (ЦДЦ) тврдат дека сите случаи се поврзани со хамбургерите Quarter Pounder на светски познатиот синџир за брза храна Мекдоналдс, пренесе Си-Ен-Ен, пренесува РТС.

Во Колорадо почина постаро лице, а меѓу хоспитализираните има и дете. Инфекции беа пријавени помеѓу 27 септември и 11 октомври во Колорадо, Ајова, Канзас, Мисури, Монтана, Небраска, Орегон, Јута, Висконсин и Вајоминг“, се вели во соопштението на ЦДЦ.

Најмногу случаи на труење се забележани во Колорадо – 26.

„Сите граѓани со кои е разговарано сведочеа дека јаделе во „Мекдоналдс“, а поголемиот дел од нив консумирале хамбургери од „четири унци“, се вели во извештајот на ЦДЦ.

Американското Министерство за земјоделство (УСДА), Управата за храна и лекови (ФДА) и државните здравствени власти го истражуваат труењето. Иако специфична состојка сè уште не е идентификувана како причина, се верува дека труењето е предизвикано од говедско месо и кромид.

„Кромидот од добавувачот најверојатно е причина за труењето“

Претставниците на Мекдоналдс велат дека некои случаи на заболувањето се поврзани со кромидот обезбеден од еден од добавувачите.

Компанијата ја прекина дистрибуцијата на кромидот и привремено ја повлече спорната плескавица од менито во државите со пријавени случаи, како и делови од Ајдахо, Невада, Ново Мексико и Оклахома.

„Ние ја сфаќаме безбедноста на храната многу сериозно и тоа е единствената исправна работа“, велат од компанијата.