Десетици илјади Белоруси се собраа во Минск за да учествуваат на „Маршот за слобода“ по контроверзните претседателски избори кога победи Александар Лукашенко.
Учесниците на антивладините демонстрации извикуваа „Заминувај“ и „Да живее Белорусија“. Тие се движеа по Булеварот за независност, откако опозицијата повика на најголеми демонстрации од гласањето пред една недела.
На маршот учествуваа и група ветерани во воени униформи.
„Ние сме против насилство“ и „Лукашенко мора да одговара за тортура и смртни случаи“ се само некои од транспарентите на демонстрациите. Демонстрантите носеа и 100-метарско црвено-бело знаме.
Провладина демонстрација се случи претходно. Претседателот Лукашенко се појави и одржа говор. Тој повика на спасување на земјата од уништување.
Според западни медиуми, Лукашенко имал втор телефонски разговор со рускиот лидер Владимир Путин. Тие разговарале за ситуацијата во Белорусија.
За денеска е организирана најголемата демонстрација против владеењето на Лукашенко во државата. Во петокот, белоруската Влада се извини и почна да ги ослободува демонстрантите.
Протестите избија во Белорусија откако долгогодишниот лидер Александар Лукашенко победи на изборите во неделата. На власт е од 1994 година, и сега го освои шестиот мандат со поддршка од 80 отсто гласови.