Американскиот милијардер Елон Маск следната недела би требало да учествува на онлајн панел за антисемитизмот и да го посети логорот на смртта Аушвиц, неколку месеци откако беше жестоко критикуван за поддршка на антисемитска теорија на заговор на неговата социјална мрежа Х, пишува Independent.
Маск беше обвинет за антисемитизам во ноември минатата година, кога на Х одговори со „Ја кажа правата вистина“ на објава во која лажно се тврдеше дека еврејските заедници поттикнуваат омраза кон белите луѓе.
Белата куќа веднаш ги осуди неговите коментари, а израелскиот претседател Исак Херцог го осуди коментарот на Маск. Маск потоа ја призна својата грешка, опишувајќи ја како „една од најглупавите“ работи што некогаш ги објавил на платформата.
Сега е објавено дека Маск патува во Полска само една недела пред Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот на 27 јануари.
Посетата била организирана од Европската еврејска асоцијација за да се подигне свеста за порастот на антисемитизмот по израелската инвазија на Газа како одмазда за нападите на Хамас на 7 октомври.
„Сите знаат како национализмот, популизмот, расизмот и сите манифестации на ксенофобија и омраза се погубни за демократијата, човековите права и ЕУ“, изјави полскиот заменик министер за надворешни работи Анджеј Сејна.
„Мислам дека веројатно затоа господинот Маск е меѓу поканетите гости кои го потврдија своето доаѓање“, додаде тој.