Мароко: Новинарка осудена за абортус кој не го направила

52

Судот во Мароко ги прогласи новинарката и нејзиниот вереник за виновни за вонбрачен секс и абортус и ги осуди на казна затвор.

Новинарката Хајар Раисуни, која работи за независниот весник Ахбар Ал Џаум, и нејзиниот свршеник Рифаат ал-Амин беа уапсени на 31 август додека излегувале од гинеколошка ординација во мароканскиот главен град Рабат.

Расуни, нејзиниот вереник и гинекологот негирале дека станувало збор за абортус и тврделе дека побарала лекарска помош заради крвавење. Нејзиниот адвокат подоцна до судот доставил лекарски наод дека таа никогаш не направила абортус.

Судијата ги осуди Расуни и Ал-Амина на една година затвор, а гинекологот Џамал Белкезиз на две години. Уште еден лекар и вработен во ординацијата исто така беа прогласени за виновни за учество во постапка за абортус, но судот им изрече условни казни.

Нејзиниот свршеник, професор Рифат ал-Амин доби едногодишна затворска казна за наводно соучесништво. Д-р Мохамед Џамал Белкезиз обвинет е за изведување абортус, и осуден е на две години затвор, објави „Гардијан“.

Во писмо, испратено од затвор, новинарката тврди дека обвиненијата се измислени. Обвинетите тврдат дека абортусот никогаш не се случил и дека Раисуни била цел на мароканските власти за нејзиниот извештај за немирите на северот на земјата, за што и добила награда. Адвокатот на Раисуни, Мухамед Садку, пресудата ја нарече „регресивна“. Тој додаде дека одлуката на судијата значи дека тврдењата на мароканската држава за почитување на меѓународните конвенции што гарантираат права и слободи се „лаги кои немаат никаква врска со реалноста“.

Ахбар Ал Џаум е еден од ретките независни весници во Мароко. Расуни пишуваше за човековите права и политика и ги покриваше демонстрациите на северот на регионот Риф, во кои беа уапсени стотици демонстранти.

Поради судењето на новинарката Расуни, избувнаа многу протести низ целата земја. Граѓаните повикаа на поголема слобода на печатот и измени на конзервативниот кривичен закон.