“Детскиот фолклор воопшто денес веќе не претставува предмет на љубопитство на поединци, туку ѝ припаѓа на науката за фолклорот подеднакво со другите народни умотворби. Уште повеќе што се согледани нивните вредности, нивната образовна и педагошка функција, фактот дека во ова време на разни влијанија врз децата, овие народни умотворби остануваат единствените кои кај детето го бранат и афирмираат детското“, вели во својата нова книга “Малите приказни голем ум даваат“ авторот проф. д-р Марко Китевски, македонскиот фолклорист, кој дава бројни примери за обичаи и суеверија, но и народни приказни кои се пренесувале со генерации од колено на колено
“Отсекогаш на раѓањето на децата и нивното воспитување во Македонија му се посветувало особено внимание. Постоеле многу верувања и се изведувале многу обичаи што имале за цел да обезбедат нормален и успешен пород како и здрави деца. Исто така постоеле многу традиционални форми на однесување, многу народни умотворби со поучна содржина кои имале влијание на воспитувањето на децата“, вели македонскиот фолклорист проф. д-р Марко Китевски, автор на книгата “Малите приказни голем ум даваат“ (македонски фолклор за раѓањето и воспитувањето на децата).
Во книгата на 370 страници можат да се прочитаат верувања, суеверија, приспивни песни и поговорки, како и народни приказни со поучна содржина кои се раскажувале во одредени делови на Македонија, од Скопско до Гевгелиско.
“Народот строго верувал дека бремена жена не смее да минува низ гробишта, не смее да гледа зајак, полжав, не смее да гледа крв итн. Исто така не смее да краде, или да јаде крадено, зашто детето ќе има белег на телото, на она место каде што мајката ќе се фати со раката. За да не остане белег требало мајката кога ќе украде нешто да се фати за земјата“, е само еден од интересните примери за народните верувања, кои можат да се прочитаат во книгата на Китевски.
Едно од сведоштвата пак, кои потекнуваат од народот упатува на тоа дека “се сакало првото дете да е машко, или барем едно од децата, за да ја продолжи семејната лоза, зашто женските се “за во туѓа куќа“. Оттука, како што вели авторот, е и поговорката “Кога се раѓа женско и стреите плачат“.
Китевски во својата книга ги опфаќа и баењата од уроци и баења од уроци на деца “три дни на ред“. Се верува и дека на третата вечер доаѓаат наречниците и на детето му ја одредуваат судбината.
“Верувањето во наречниците е широко распространето во Македонија и пошироко и доста е присутно и во македонското народно творештво, како во поетското така и во прозното. Во книгава застапивме повеќе обичаи и верувања од различни места на Македонија и забележани во разни временски периоди. Застапивме обичаи и верувања запишани од Марко Цепенков од повеќе места, најмногу од Прилепско, Кузман Шапкарев од Охрид, Струга, Кукуш, Гевгелија, Велес од Скопско, Крсто Бинев Андонов од Мариовско, Стефан Тановиќ од Гевгелиско, Ѓорѓи Донески од село Бапчор, Сократ Пановски од село В’мбел и Петре Камчевски од село Ваташа”, вели Китевски.
Читателот на овие содржини ќе забележи дека многу од нив е чисто суеверие, но ќе забележи и дека многу нешто е резултат на искуството стекнувано низ многу години и векови.
Во ракописот се застапени и неколку приспивни песни, како и избор од македонски народни приказни во кои е нагласена воспитната, односно поучната димензија. Почитувањето на родителите, добрососедството, трудољубивоста, помагањето, осудата на некои пороци како лакомоста, пијанството, лажењето и др. се главните содржини на приказните од овој избор.
“Детските говорни игри, како и детскиот фолклор, воопшто денес веќе не претставуваат предмет на љубопитство на поединци туку и припаѓаат на науката за фолклорот подеднакво со другите народни умотворби. Уште повеќе што се согледани нивните вредности, нивната образовна и педагошка функција, фактот дека во ова време на разни влијанија врз децата (религиозни, идеолошки и тн.), овие народни умотворби остануваат единствените кои кај детето го бранат и афирмираат детското. Во ракописов застапивме и неколку поговорки што се однесуваат на децата. Овие најчесто употребуваните народни умотворби, дел од секојдневниот говор на луѓето, на најдобар начин ја искажуваат народната филозофија, односно народното гледање на овие прашања“, вели Китевски.
Книгата, секако, ќе предизвика внимание не само кај родителите кои имаат мали деца, туку и кај сите нас кои ќе се потсетиме и на веќе заборавените приказни кои ни ги раскажувале нашите баби и дедовци, а кои со внимание и радост ги слушавме. Приказни со кои генерации деца израснале. (Д.Т.)