Марко Гутиќ Мижимаков за кусиот уметнички филм „Лов на змејки“ е добитник на нaградата „Денес“, којашто се доделува на млад визуелен уметник до 35 години, на годишно ниво за исклучителна и истакната тековна уметничка практика, која подразбира критичко и естетско размислување и дејствување, и е единствена награда од овој вид во земјава. Годинава наградата се доделува по 18. пат, а се состои од двомесечен престој во „Residency Unlimited“, во Њујорк, во периодот август-септември 2025 година.
Жирито за наградата беше составено од: Ксенија Нурил, историчарка на уметност и кураторка, директорка на галеријата на реномираното уметничко училиште „Art Students League“ од Њујорк, САД, Сања Анѓелковиќ, аудиовизуелна уметничка со седиште меѓу Нови Сад и Виена, добитничка на наградата „Димитрије Башичевиќ Мангелос“, во Србија во 2023, и Ана Франговска, историчарка на уметност и кураторка, виш кустос во Националната галерија на Македонија и претседателка на АИКА – Македонија
„Делото на Марко значително се истакна, начинот на кој тој ја ситуира својата уметничка практика, односно начинот на кој ја преведува својата индивидуалност во општеството, користејќи автентични уметнички и концептуални решенија. Движејќи се низ исклучително сложениот систем на референци што ги црпи од литературата, музиката, науката, кореографијата, технологијата, соработката и екологијата, тој создава хибридни уметнички форми и шпекулативни наративи, кои се спротивставуваат на сè уште доминантната анти-квир парадигма. Иако неговата практика се потпира на различни симболички и референтни системи, тие не се појавуваат како самодоволни, туку се целосно функционални во рамките на неговата специфична уметничка поетика, која генерира привлечен визуелен јазик и политички потенцијал. Политиката на неговата работа е сместена во суптилностите на неговиот уметнички јазик, кој ве заведува преку разговори за телото, телесните политики и социјалниот статус на поединецот“, стои во одлуката на жири-комисијата.
Другите двајца финалисти беа младите уметници Јован Јосифовски и Ивана Самандова. Јосифовски ќе добие едномесечен престој во Галеријата „Простор“ на организацијата „Културен хаб Хрватска“ во Сплит, во мај 2025, и самостојна изложба во просторот, а на уметницата Ивана Самандова ќе ѝ биде овозможено да има самостојна изложба во Скопје следната година.
Изложбата на овие тројца уметници ќе може да се погледне во националната галерија „Мала станица“ до 28 ноември.