Посебноста на мароканските палачинки е во нивната неодолива воздушестост, во тие неодоливи меурчиња кои се појавуваат на површината при печењето, а тајната за тоа е можеби во посебната состојка – гризот.
Потребно е:
- 250 г брашно
- 250 г гриз
- 1 јајце
- 1 прашок за печиво
- 1 вреќиче сув квасец
- 1 лажиче сол
- 2 лажичиња шеќер
- Топла вода за матење
Приготвување:
Разматете го квасецот со малку млака вода. Брашното, шеќерот, солта, гризот и прашокот за печиво измешајте ги убаво, додадете го јајцето и разматениот квасец и со топла вода направете тесто како за палачинки. Откако ќе отстои еден час, измешајте го тестото уште еднаш пред печење.
Загрејте ја тавата и премачкајте ја со малку масло само првиот пат, па ставајте по една лажица-црпалка од смесата, печете ги палачинките на умерена температура само од едната страна.
Ќе видите како се создаваат мали меурчиња и кога ќе биде сѐ суво и одоздола фино заруменето, тогаш палачинката е готова. Печете додека да се потроши смесата. Растопете малку путер и додадете мед па премачкајте ги палачинките, или можете да ги јадете со прелив по желба.