Бурни реакции во Македонија по настапот на нашиот пејач во шоуто „Ѕвездите на Гранд“, поради навредливите коментари на Марија Шерифовиќ. „Никола, фрли ја дипломата на оперски пејач, тоа твое пеење изгледаше како некоја турли-тава!“ „Твоите навреди ги поминуваат сите граници. А, прва си кога треба да се пее кај нас, во Македонија. Таа диплома што ја поседува Никола, некој музички писмен ја потпишал, а некој богами се измачил во својот образовен процес. Не ти прилегаат такви зборови. Ми одиш на нерви. Освести се, Марија!“, коментираат луѓето од Македонија, со силна поддршка за битолчанецот Зацески
–
Додека не пробаш, не можеш да знаеш. Така е тоа секогаш во животот, за сè. Па и за нашиот талентиран и музикален, пред сè, оперски пејач Никола Зацески-Зац од Битола, кој честопати пее и забавна и македонска народна музика. Така беше минатиот викенд, кога тој настапи во балканското гламурозно ТВ-шоу „Ѕвездите на Гранд“. Со настапот, предизвика вистински земјотрес, ја испеа популарната македонска фолк-песна „Лихнида кајче веслаше“, од репертоарот на Ефто Пупиноски. Меѓутоа, меѓу членовите на жирито дојде до тотална поделба во ставовите и во мислењата за неговиот настап.
Тој сосема ги подели во мислењата и во оценките, па за малку ќе се случеше едни со други за гуша да се фатат. Да не беше тажно за гледање, ќе беше смешно. Особено откако евровизиската победничка, Марија Шерифовиќ, даде сурова критика. Секоја чест за тоа што знае Мара да пее, туку тоа што го кажа без да изброи до 10, во врска со настапот на Никола, наиде на бурни и оправдани реакции кај нас, во Македонија. Сè уште се редат еден „мал милион“ коментари со максимална поддршка за Зацески.
–
„Марија, ти си многу безобразна. Твоите навреди ги поминуваат сите граници. А, прва си кога треба да се пее кај нас, во Македонија. Таа диплома што ја поседува Никола, некој музички писмен ја потпишал, а некој богами се измачил во својот образовен процес. Не ти прилегаат такви зборови. Освести се, Марија!… Најдобро би било нашите натпреварувачи веќе да не настапуваат во „Ѕвездите на Гранд“. Повеќе да не ги слушаме тие навреди кон македонските пејачи. Марија си замислува дека е кој знае која ако победила еднаш на Песна на Евровизија. Ми оди на нерви! Би можеле и ние, во Македонија, да ја навредуваме, и тоа најчесто поради нејзините ароганција и суета, но нема да го направиме тоа. Ние, Македонците, имаме едно високо ниво на култура и не се спуштаме толку ниско“, се само мал дел од реакциите на социјалните мрежи.
А, еве поради што Марија предизвика толку голема огорченост во Македонија.
– Не можам да сфатам како некој што има барем малку посериозна музичка едукација, може да си дозволи да фалшира. Те молам, Никола, веќе да не си го дозволуваш тоа. Инаку, отиде и дипломата, отиде сè по ѓаволите. Фрли ја дипломата во канта! Стилски не ја пронајде сопствената мерка. Од традиција до нешто модерно – сето тоа изгледаше како некоја турли-тава – беа тешките зборови на Марија Шерифовиќ.
–
За разлика од оваа „паничната“ реакција на Марија, другите членови на жирито, колку-толку беа на страната на Никола. Најмногу го критикуваа за тремата, не за пеењето. За тремата му е простено, бидејќи сепак, пееше пред повеќемилионски ТВ-аудиториум, што е голема работа. Ѓорѓе Давид му кажа дека би сакал тој да му биде ментор бидејќи навистина убаво пее. Но, желбата на Давид не се оствари. Никола за својот ментор, сепак, ја одбра мегаѕвездата Цеца Ражнатовиќ, која ќе го подготвува за наредните учества во ова балканско шоу на неоткриени пејачи-таленти.
Д.М. фото: архива