Манчестер Сити беше во серија од седум натпревари без победа, а до ремито против Феенорд (3:3), англискиот тим имаше дури пет последователни порази, какви што Пеп Гвардиола досега не ги доживеал во својата тренерска кариера.
„Граѓаните“ се надеваа дека можат да ја прекинат очајната серија од три последователни порази во Премиершип, но дерби натпреварот на „Енфилд“ заврши со заслужен триумф на Ливерпул од 2:0.
Факт е дека Манчестер Сити има многу проблеми со повредите во првиот дел од сезоната, а некако најголемиот удар е отсуството на Родри.
Пеп Гвардиола го продолжи договорот со англискиот клуб минатата недела и одлучи да остане до летото 2027 година, а наводно веќе имал барање за шефовите на Сити по очајната серија резултати.
Англиските медиуми пишуваат дека Гвардиола јасно им ставил до знаење на челниците на Манчестер Сити дека сака да го засили тимот во јануари, бидејќи играчкиот кадар со кој моментално располага очигледно не може да ги исполни задачите што ги бара.
Веќе претходно беше најавено дека Сити ќе се обиде да донесе замена за Родри во средниот ред, а приоритет ќе биде доведување на класичен напаѓач бидејќи Гвардиола оваа сезона на таа позиција го има само Ерлинг Халанд.
Англиски „Експрес“ објави дека Гвардиола во јануари ќе има на располагање дури 200 милиони фунти, а веќе е познато кои играчи ќе се обиде да ги доведе на „Итихат“.
Од „Експрес“ наведуваат дека Мартин Зубименди е главната цел на Сити во јануари и дека може да го доведат играчот од Реал Сосиедад за 60 милиони фунти колку што изнесува неговата откупна клаузула. Покрај Зубуменди, со Сити се поврзува и Бруно Гимараеш од Њукасл, чија цена наводно е околу 75 мил. фунти.
Кога станува збор за напаѓачката позиција, се шпекулира дека „граѓаните“ во јануари ќе се обидат да го доведат неверојатниот Виктор Џокереш кој игра за Спортинг Лисабон и кој е проценет на 65 мил. фунти.
Парите и овојпат не се проблем, а челниците на Сити веќе му обезбедија неверојатен буџет за зимскиот преоден рок.