МАНУ: Во земјите од регионот и насекаде во светот, постои само една национална академија

28

Бурни реакции има по барањето на Вреди за основање на Албанска академија на науките.

Од Македонската академија на науките и уметностите(МАНУ) излегоа сo официјален став за формирањето на Албанската академија. Велат дека Академијата отсекогаш била отворена за сите граѓани кои ги исполнуваат високите научни и уметнички критериуми за членство во неа, независно од етничката, верската и каква било друга припадност. За политичките партии и нивните влијанија никогаш немало место во неа.

Додаваат дека од нејзиното основање до денес, во МАНУ членови биле припадници на македонскиот народ, но исто така и на сите етнички заедници.

„Меѓу другите, во последната декада во составот на МАНУ имаше четири члена од албанска етничка припадност (од коишто во трите последователни раководства еден беше научен секретар, а двајца потпретстедатели на Академијата, од кои еден е во актуелното раководство), како и три члена надвор од работниот состав. На крај, напоменуваме дека во Македонија, како и во земјите од регионот и насекаде во светот, постои само една национална академија која ја претставува државата во европската и во други меѓународни асоцијации на академии. Претседателството апелира МАНУ да не се вовлекува во дневнополитички расправи и партиски дискусии кои ја оптоваруваат редовната дејност на Академијата, а спаѓаат во доменот на Законодавниот дом и државните институции“, велат од МАНУ.

Академиците, кои досега излегоа во јавноста се против формирање на таква Академија. Велат дека во ниту една држава во светот не постојат две национални академии.