Унгарскиот ракометен вицешампион Веспрем се пласираше во финалето на десеттиот „фајнал-фор“ во Лигата на шампионите, откако го победи Киелце во „Ланксес Арена“ со 33:30 (13-13). Ова е трето финале во историјата за унгарските „црвени“.
Македонскиот репрезентативец Дејан Манасков не доби шанса во текот на 60-те минути од полуфиналето. Натпреварот го водеа македонските судии Николов и Начевски, кои одлично си ја завршија работата.
Најефикасни поединци кај Веспрем беа Ненадиќ со 12 и Гајиќ со пет погодоци, а во таборот на Киелце се истакнаа Душебаев со седум и Циндриќ и Каралек со по пет гола.
Вториот финалист ќе биде познат по одигрувањето на дуелот Вардар – Барселона попладнево од 18:00 часот.