Малите станови во Скопје достигнуваат и до 2.500 евра за квадрат

Моменталната цена од околу 2.000 евра за метар квадратен во Скопје ќе се задржи, а можно е и да се зголеми со оглед на големата побарувачка. Вакви се очекувањата на градежните експерти според кои инвестирањето во станови стана добар бизнис кој носи голем профит. Тоа го осетија големите трговски компании кои станаа инвеститори и почнаа да вршат трговија со становите. И од агенциите за недвижности велат дека не само што не се намалува, напротив цената на квадратот и понатаму расте поради големата побарувачка. Помалите станови достигнуваат цена и до 2.500 евра за квадрат. Становите од околу 40 метри квадратни достигнуваат цена од 100.000 евра, а гарсониерите од околу 30 квадрати се продаваат за над 60.000 евра

2279

Становите нема да поевтинат. Моменталната цена од околу 2.000 евра за метар квадратен во Скопје ќе се задржи, а можно е и да се зголеми со оглед на големата побарувачка. Вакви се очекувањата на градежните експерти, според кои инвестирањето во станови стана добар бизнис кој носи голем профит. Тоа го осетија големите трговски компании кои станаа инвеститори и почнаа да вршат трговија со становите. И од агенциите за недвижности велат дека не само што не се намалува, напротив цената на квадратот и понатаму расте поради големата побарувачка. Помалите станови достигнуваат цена и до 2.500 евра за квадрат. Становите од околу 40 метри квадратни достигнуваат цена од 100.000 евра, а гарсониерите од околу 30 квадрати се продаваат за над 60.000 евра.

Градежниот експерт Никола Велковски, за весникот ВЕЧЕР, вели дека и покрај тоа што нема никаква основа цените на становите во Скопје нема да се намалат, дури и може да се зголемат поради зголемената побарувачка.

-Цената на материјалите за градба на работната рака се стабилизира, но не и цената на становите. Причината за високата цена на квадратот е поради тоа што бизнисот со станови го преземаа трговски друштва кој се јавуваат само како инвеститори и не се занимаваат со градежна дејност. Над 80 отсто од фирмите во државата вршат само трговија со станови чија главна цел е профит. Тие ја користат ситуацијата со зголемената побарувачка на станови во државата и ги креваат цените. Сè додека е висока побарувачката и цената на квадратот ќе расте, вели Велковски.

Во Скопје веќе нема квалитетни локации за градба. И сопствениците на земјиштето го видоа трендот на раст на цените на становите и ги кренаа цените на парцелите.

Според Велковски без разлика на локацијата, цената на градба, комуналиите, паркинг и друга инфраструктура цената на метар квадратен не може да чини повеќе од 2.000 евра.

-Инвеститорите сметаат дека секоја цена што ќе ја понудат пазарот може да ја прифати. И купувачите треба да се освестат и да видат што добиваат за тие пари. Во Центар може да се купи само деловен простор, бидејќи нема паркинг, нема зеленило, нема игралишта, има голема бучава…Едноставно, купувачот треба да се запраша каков квалитет на живот добива со купување на стан во Центар кој ќе го плати над 2.000 евра за квадрат, додава Велковски.

Тој додава дека треба да се направи поголема контрола за тоа кој гради, каде што се гради… и конечно треба да се стави крај на урбанистичкиот хаос во градот.

И од агенциите за недвижности велат дека и покрај високите цени луѓето постојано бараат станови. Во некои населби кои се поблиску до центарот на градот цената на квадратот надминува 2.000 евра.

-Малите станови во Скопје се многу барани и имаат повисока цена за разлика од поголемите, односно оние од над 70 метри квадратни. Трендот од Запад да се живее во Центар и во мал стан се пренесе и кај нас. Од друга страна малите станови се побарани, бидејќи многу младите живеат сами. Поради големата побарувачка квадратот на помалите станови се движи околу 2.500 евра. Освен што се скапи вакви мали станови тешко се наоѓаат и брзо се продаваат. Така, на пример, моментално се продава стан од 40 метри квадратни во Дебар Маало за 100 илјади евра, велат за весникот ВЕЧЕР од една Агенција за недвижности.

Факт е дека она што сега може да се купи за одредена сума, значеше многу поголема недвижност пред неколку години. Поскапувањето генерално се случи со војната во Украина кога значително се зголемија цените на градежните материјали. Од агенциите додаваат дека растот на цените на становите не е карактеристичен само за Скопје, туку за сите поголеми градови во регионот.

(А.С.)