Сè уште нема гаранции од Париз за доделување на датум за почеток на преговорите на Македонија со Европската Унија. Францускиот претседател Емануел Макрон бара време за внатрешна реформа на Унијата, истакна македонскиот претседател Стево Пендаровски, по средбата со неговиот француски колега. Пендаровски рече дека со Макрон имале „отворен и динамичен“ разговор и дека двајцата ги образложиле своите аргументи. Макрон му рекол дека би можело да се очекува конечно одлука за отворање преговори во мај на Самитот во Загреб, но не му дал гаранции дека таа одлука ќе биде позитивна.
– Сите опции се отворени со тоа што Макрон на средбата децидно кажа дека одлагањето е затоа што на ЕУ ѝ треба повеќе време. Тој ми рече „моја стара заложба е продлабочување на ЕУ и промена на методологијата, знам дека можат да одат паралелно, вие сега сакате само отворање тоа ми е јасно, му рекол Макрон на Пендаровски и во ниту еден момент не му споменал дополнителни реформи, ниту законот за обвинителство како услов за отворањето преговори.
Франција веќе поднела неформален предлог до земјите членки на ЕУ за реформата на методологијата на пристапните преговори за членство, која Макрон ја бара пред да даде зелено светло за Северна Македонија и Албанија.
– Претседателот Макрон веќе почнал со расчистување на новата методологија. Тие имаат предложено „нон-пејпер“ до земјите членки пред една недела, и очекуваат во наредните месец, два, сѐ да заврши со коментари од другите земји членки, евентуално амандмани. Начелно тој мисли дека методологијата најдоцна треба да биде усвоена до март, изјави Стево Пендаровски по средбата со шефот на француската држава.
Македонскиот претседател за време на средбата инсистирал на тоа дека Македонија не прифаќа никаква друга алтернатива на полноправното членство во ЕУ, со што се согласил Емануел Макрон.
– Прецизно ми рече дека никогаш не била неговата намера да ни даде алтернатива на полноправното членство, само сака да го подобри процесот, да не продуцира само бирократски успеси, а суштински неуспеси, рече Пендаровски.
Според него, за Северна Македонија не претставува никаков проблем промената на методологијата.
– Нека ја менуваат како сакаат, ние стоиме зад принципот на реверзибилност. Дури во еден момент му реков дека и како полноправна членка кога би биле, да нѐ исклучите од членство во ЕУ, слободно направете го тоа, не ми е интерес мене да бидам членка таму, а да не бидам демократија, изјави претседателот Пендаровски за медиумите по средбата со Макрон.
Српскиот претседател Александар Вучиќ, пак, по средбата со Макрон изјави дека очекува преговорите за членство во ЕУ со Македонија и Албанија да бидат отворени во март, освен ако не се чека Самитот во Загреб во мај.
– Тие ќе го сторат тоа во март, бидејќи се плашат од резултатите од изборите на 12 април во Скопје. Тие не сакаат да бидат виновни за поразот на некој кому му ветиле нешто за нешто што тој направил, изјави Вучиќ и додаде дека за разлика од другите, Макрон ја кажува вистината и не е лицемерен.
Пендаровски оствари средба со Макрон на маргините на Парискиот мировен форум, но и со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, и со австриската канцеларка Биргит Бирлајн.
Макрон доаѓа во Македонија во првата половина на 2020
Францускиот претседател Емануел Макрон ќе ја посети Македонија во првата половина на 2020 година, му најавил Макрон на шефот на македонската држава Стево Пендаровски.
-Со претседателот Емануел Макрон имав одлична средба и динамичен разговор денеска во Париз. Средбата беше можност да ја потврдам нашата заложба за европска интеграција и да го информирам претседателот Макрон дека ние немаме резерва за изменета методологија за водење на претпристапните преговори со ЕУ со цел продлабочување на процесот. Претседателот Макрон најави посета на Северна Македонија во првата половина на 2020, соопшти претседателот на неговиот фејсбук-профил по средбата со Емануел Макрон.