Во последниве години, голем дел од македонските граѓани заминуваат на работа во Словенија. Причините се повеќе од јасни, високи плати, бесплатно високо образование и подобра иднина. Со новите законски измени на Законот за вработување странци се овозможува Македонците, освен во земјоделството и во градежништвото, сезонски да работат и во туризмот и во угостителството. Така што Македонците сега, освен во Хрватска, за каде што за годинава се издадени 13.412 дозволи за работа, ќе имаат уште една опција – да заминат на сезонска работа во Словенија, каде што платите се далеку повисоки од нашите и се движат од 2.000 до 3.000 евра.
И од агенциите за посредување при вработување велат дека голем дел од младите што заминуваат во Словенија да студираат не се враќаат назад, а оние што добиваат работни дозволи со важност од една година ги продолжуваат, бидејќи постои таква можност. Така, во последните десет години, 4.700 Македонци добиле статус за постојан престој, односно словенечко државјанство.
Зоран Кочоски, генерален менаџер и сопственик на „Коузон“, вели дека трендот на заминување од Македонија продолжува, а Словенија е меѓу државите каде што заминуваат најголем дел од младите.
– Во моментов, во Словенија има околу 1.200 студенти. Ако продолжи овој тренд, Македонија ќе загуби од 10 до 12 илјади млади стручњаци, кои ќе останат во Словенија или во некоја друга европска држава. Само последните 10 години, над 4.700 Македонци добиле статус на постојан престој во оваа држава, односно се откажале од македонското државјанство и станале Словенци. Освен за студирање, голем дел од Македонците одат на сезонска работа во Словенија каде што работат во земјоделството, градежништвото, угостителството, туризмот… – изјави Кочовски за весникот ВЕЧЕР.
Според него, се очекува овој тренд да продолжи, пред сè поради близината и сличниот менталитет.
– Освен Словенија, и другите европски држави го гледаат остатокот од Балканот како потенцијална база за работници, од две причини. Прво, законската регулатива е благо наклонета кон балканските држави и брзо се добива статус за престој и работна дозвола. Вториот момент е задоволството од претходно интегрираната работна сила од балканските држави, во кои влегува и Македонија. Така, на пример, за да доведе работник од Индија, на Словенија ѝ се потребни девет месеци, бидејќи постојат многу законски процедури што треба да се запазат. Од друга страна, работната сила од овие земји тешко се интегрира во компаниите во кои поголем дел од работниците се Македонци, Срби, Босанци… – појаснува Кочовски.
Од агенциите за посредување при вработување велат дека во Словенија, како и во Хрватска, претежно се бара неквалификувана работна сила, односно работни места за кои е потребно средно стручно образование. Најбарани се работниците во градежништвото, келнерите, готвачите, ѕидарите, чистачите, столарите, доставувачите, возачите… Платите во угостителството, без бакшиш, бонуси и слично, се движат до 3.000 евра за главен готвач. Рецепционерите земаат 1.800 евра, пица-мајсторите до 2.000 евра, а шанкерите околу 1.500 евра.
Се очекува во наредниов период да има нов бран на заминување на македонски работници во Словенија. Една од поволностите со новите законски измени е што Словенија ќе им дозволи на странците да се вработат врз основа на дозволата за привремен престој.
Во последниве две години, во Словенија се иселиле над сто илјади лица, од кои 90 отсто се од земјите на поранешна Југославија.
(А.С.)