Македонците навалија на апартмани во Саранда, квадратот поевтин отколку во Скопје

16866

Околу 50-ина семејства од Македонија имаат апартмани во Саранда, која се смета за престолнина на албанското приморје. Цените и таму сега растат, но не како кај нас, па поисплатливо е вишокот пари да се затворат во недвижнина во овој приморски град, отколку во Скопје. Моментот за една добра, паметна инвестиција сè уште е исклучително поволен, вели Марјан Трајковски, кој има два апартмана во Саранда. Негов совет до сите кои сакаат да инвестираат и кои имаат желба подолг период да поминуваат на едно прекрасно море, со прекрасни луѓе, со исклучително природна храна, e да вложат во Саранда

 

Познатото албанско летувалиште Саранда последнава деценија станува втор дом на семејства од Македонија.  Освен што таму го поминуваат летниот одмор голем број наши туристи, се побројни се и нашинците кои купуваат недвижности во овој бисер на Јонското Море.

Сега, кога цените на становите кај нас вртоглаво растат и веќе достигнаа 2.000 евра за квадратен метар, оние кои купиле имот во Саранда, но и во другите албански приморски градови се сосема сигурни дека направиле добра инвестиција.

Така размислува и Марјан Трајковски, кој има два апартмана во Саранда. За весникот ВЕЧЕР тој вели  дека како и секаде, и таму цените на недвижнините растат, но сепак е поисплатливо да се вложи во апартман во овој албански приморски град, отколку во стан во Скопје. Цените на квадратот се пониски, а потоа давачките се минорни. Според неговите сознанија педесетина македонски семејства веќе поседуваат апартмани во Саранда.

-За македонските граѓани Саранда е атрактивна дестинација за одмор, но и за купување имот веќе 10-15 години. Јас првиот апартман таму го купив во 2008 година, а вториот во 2010 година. Кога го купував првиот апартман цените беа околу 500-550 евра за квадратен метар за становите на првата линија, да не кажам веднаш до плажа. На повисоките линии беа дури и поевтини. Тогаш цените на квадратот во Скопје беа речиси двојно повисоки, околу 900-1.000 евра, вели Трајковски за весникот ВЕЧЕР.

Сега, додава, цените се движат од 800 евра во делот на петта-шеста линија до морето, па до 1.500 евра во предниот дел за станови во полуксузни згради. Цените зависат од локацијата, односно близината до море, дали зградата е стара или нова, каква е градбата, дали е со мермер, какви плочки има, дали има базен… Но,  во ултралуксузните згради веднаш до море квадратот веќе може да чини и 2.000 евра.

-Средната вредност на која најчесто се наоѓа нашиот купувач е некаде околу 1.000 евра. Нашите граѓани главно купуваат апартмани во згради. Цените и таму растат, особено сега во ковид-периодот, кога растат и цените на материјалите. Но, за разлика од кај нас, таму поскапувањето е пропорционално, не е бомбастично. Има зголемување од некои 50 до 100 евра, без нагли скокови, вели нашиот соговорник.

Сепак, тој очекува голем бум во цените на недвижнините во Саранда, со оглед на зголемената побарувачка, пред се од жители на Скандинавија, но во последно време и од Чеси, Полјаци, Украинци, Германци…

-Моментот за една добра, паметна инвестиција се уште е исклучително поволен. Би ги советувал сите оние кои сакаат да инвестираат и кои имаат желба подолг период да поминуваат на едно прекрасно море, со навистина прекрасни луѓе, со исклучително природна храна, да вложат тука. Мој пријател деновиве ми кажа дека ја уплатил првата рата за стан во Саранда. Тој направи пресметка дека ако купи стан во Скопје ќе го издава за околу 150 до 200 евра, а ако купи стан во Саранда ќе ги извади тие пари, плус еден, два месеца или цела зима ќе ужива во привилегијата што ни ја дава Медитеранот, а тоа е голема придобивка, вели Трајковски, чија филозофија е дека не постои цена кога се работи за живот на море и инвестирање во тоа.

Што се однесува до давачките за недвижнините во Албанија, тие се сконцентрирани на цената на станот. Агенцискиот надомест како и секаде е 1 до 1,5 проценти од вредноста, а се плаќа и  нотарскиот трошок кој не надминува 200 евра. Данокот на промет е минорен, па на вредност од 100 илјади евра доаѓа околу 350 евра, кои се плаќаат еднократно. Во Албанија нема годишен данок на имот како кај нас, па по трошоците при купувањето останува уште секоја година да се плаќа давачка за одржување на зградата од околу 50 евра.

Саранда станува се поатрактивна за странците со тоа што се опкружува со нови патишта, а се пробива и тунел во правец од Ѓирокастро со што патувањето од Македонија се крати за 40 минути до еден час.

Оние кои се заинтересирани за купување апартман во Саранда, може да се информираат преку нивните веб- сајтови, но и преку дваесетината агенции за недвижнини, од кои некои ги држат македонски граѓани.

-Има голем број инвеститори кои градат сериозно и многу добро. Мислам дека во иднина Саранда ќе добие нова форма, ќе отскокне од останатиот дел на Албанија и ќе добие некој посебен печат на навистина убаво место. Македонските граѓани купуваат станови и во Драч и во Валона, која по Саранда е посебно интересна за нив. Колку што знам, таму имаат купено апартмани голем број наши луѓе, додека многу помал е интересот за недвижнини во северниот дел, кон Црна Гора. Повеќето се базирани на југ, зашто морето е поубаво, во близина е Крф, а има и други фактори кои тој дел го прават многу поатрактивен од останатите, вели Трајковски.

Дека и по скокот на цените македонските граѓани не престанале да се интересираат за купување недвижнини на албанското приморје потврдува и кумановецот Бардил Салиу кој живее во Саранда каде што има агенција за недвижнини.

-Деновиве продадов апартман на семејство од Скопје. Станот е во градба и ќе биде готов летоска. Се уште има заинтересирани иако не толку како порано. Сега цените растат и тука, како секаде во светот. Нашите луѓе се најзаинтересирани за апартмани еден плус еден, односно една спална соба, плус салон со кујна. Но, некои бараат и со две спални, вели тој за весникот ВЕЧЕР.

Неговото искуство кажува дека нашите обично купуваат апартмани од втора рака, односно веќе користени, но некои сакаат и нови. За отприлика 50.000 евра може да се купи стан со бруто-површина од 70 квадратни метри, во која влегува и терасата и некои други делови од зградата. Гарсониера во градба со бруто површина од 38 квадратни метри, пак, се продава за 38.500 евра. Се продаваат и гаражи кои чинат околу 10.000 евра.

-Нашите граѓани становите во Саранда ги купуваат за  себе, самите да ги користат, но и ги издаваат, за да не стојат празни, вели Салиу.

Саранда е едно од најатрактивните албански туристички места и се смета за престолнина на албанската ривиера. Времето е топло, но од пладне до приквечерина без престан дува освежувачки маестрал. Градот изобилува со барови, ресторани, продавници за сувенири, но има и интересни места за опуштена прошетка. Современиот живот пулсира паралелно со историјата чиј сведок е најголемиот археолошки парк на Балканскиот Полуостров, античкиот град Бутринт, кој е оддалечен 15 километри од Саранда. Во панорама на градот може да се ужива од замокот Лекуриши, кој се наоѓа на оддалеченост од пет километри. Градот го добил името по грчкиот збор саранда, што значи 40, а се однесува на 40-те ерменски војници кои не сакале да се оддалечат од Христос, па биле оставени на немилост да умрат од студ.

Саранда е оддалечена десетина километри од исто така популарното летувалиште за македонските граѓани – Ксамил, кое се смета за скриен скапоцен камен на Албанија со своите 40 до 50 средени плажи и  четирите карпести острови на самата граница на националниот парк Бутринт. Но, исто така, Саранда е оддалечена само две наутички милји од грчкиот остров Крф и од неговиот истоимен главен град.

Сево ова го прави градот атрактивен за странци. Во него се најбројни Скандинавците кои поседуваат повеќе од 1.000 апартмани, а бројот на Полјаци, кои се практично населени таму последниве години, е зголемен за трипати.

(С.В.)