Македонскиот тим од областа на програмирањето за средношколци, составен од учениците Дамјан Давков од Штип, Благој Рујаноски Стојановски од Прилеп, Виктор Максимоски од Гостивар и Софија Велковска од Скопје, предводени од лидерите, д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков, освоија сребрен медал на Интернационалната олимпијада по инфрорматика, која се одржува во Египет, од 1 до 8 септември.

Како што информираат од Здружението на информатичарите на Македонија, сребрениот медал за Македонија го освоил Дамјан Давков, кого го делеле само девет поени од златниот медал, од можните 600 поени на натпреварот. Благој Рујаноски Стојановски освоил олимписка пофалница.

На 36. издание на ИОИ годинава учествуваат вкупно 370 ученици од 96 земји од целиот свет.

ИОИ е најпрестижниот годишен интернационален натпревар во програмирање за средношколци, кој, традиционално, се одржува во една од земјите членки на ИОИ-заедницата.

На овој натпревар учествуваат одбрани, талентирани средношколци од целиот свет, кои натпреварувајќи се, ги изоструваат своите информатички вештини, како анализа на проблеми, дизајн на алгоритми и податочни структури, програмирање и тестирање.

Следната, 37. по ред, Интернационална олимпијада по информатика (ИОИ 2025) ќе се одржи идната година, во Боливија.

Следен настан што им претстои на нашите информатичари е Балканската олимпијада по информатика (БОИ), чиј домаќин ќе биде Македонија, во периодот од 20 до 26 септември, во Охрид.

Здружението на информатичари на Македонија ќе биде домаќин на повеќе од 100 учесници од 15 различни земји и за таа цел, подготовките се во тек, а повикот за спонзорство од македонските компании е сè уште активен.