„Големи се шансите за добивање ‘Оскар’, особено во категоријата најдобар документарен филм и тоа по себе значи дека се пробиваат многу бариери кои ни стојат на патот како мала земја. Очекувам овој импулс силно да одекне кај одлучувачките структури и филмската дејност да се стекне со највисока поддршка, да се искористи креативниот набој за создавање уметнички дела кои одговараат на највисоките светски стандарди“, истакна за весникот „Вечер“ македонската актерка и продуцентка Лабина Митевска
Доделувањето на најпрестижната филмска награда „Оскар“, чија свечена церемонија ќе се одржи ноќта меѓу 9 и 10 февруари, во нашата земја се очекува со многу надеж, бидејќи годинава во две категории (документарен и интернационален филм) се натпреварува и македонскиот документарец „Медена земја“. По овој повод, за весникот ВЕЧЕР, неколку реномирани македонски режисери и продуценти дадоа свои мислења за очекувањата и значењето на успехот на „Медена земја“ за македонската кинематографија.
Според македонската актерка и продуцентка, Лабина Митевска, успехот на „Медена земја“, што е втора номинација на наш филм за медиумски најпокриената филмска награда треба да се искористи за понатамошно унапредување на филмската дејност во Македонија. „Големи се шансите за добивање на Оскар, особено во категоријата најдобар документарен филм и тоа по себе значи дека се пробиваат многу бариери кои ни стојат на патот како мала земја, досега главно третирана како неинтересна за филмската индустрија, за трансформација во земја која произведува врвни филмски продукти. Очекувам овој импулс силно да одекне кај одлучувачките структури и филмската дејност да се стекне со највисока поддршка, да се искористи креативниот набој за создавање уметнички дела кои одговараат на највисоките светски стандарди. Таа можност по успехот на ‘Пред дождот’, не беше искористена, не се искористи интересот за нашата кинематографија и изминаа децении во талкање на барање на вистинскиот пат, но ќе мора еднаш да научиме да ги препознаваме вистинските вредности и да им оддаваме должна почит, да изградиме систем на поддршка на основа на највисоките критериуми и да се етаблираме како филмска сила. Посакувам среќа, бидејќи сега тоа е единствената компонента, која е потребна за да се заокружи оваа неверојатно успешна приказна“, изјави за весникот ВЕЧЕР, Лабина Митевска, која е актерка и продуцент на филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија”, во режија на Теона Стругар-Митевска, кој стана прв македонски филм избран во главна конкуренција на минатогодишното „Берлинале“.
За претседателот на Друштвото на филмските работници Игор Иванов-Изи, со двете номинации на „Медена земја“, македонската кинематографија се наоѓа пред својот најголем успех. „’Медена земја’ направи фантастичен исчекор и покажа дека на повидок е генерација која може да направи многу за Македонија и за македонската култура. Искрено се надевам дека сите овие успеси изминатава година ќе се повторат и во годините што следуваат. Во тоа сум убеден. Верувам дека државата ќе го увиди тоа и ќе ја сфати потребата од дополнително финансирање на македонскиот филм, зголемување на буџетот и изнаоѓање на можности и легислатива за алтернативно финансирање на македонската кинематографија“, посочи за ВЕЧЕР, претседателот на ДФРМ кој запрашан за очекувањата за добивање на златната статуетка, посочи дека како и сите и тој навива да добиеме „Оскар“. „Неизвесно е, но сè е можно. Може сè да се случи. И тоа би било фантастично. Се наоѓаме пред најголемиот успех на македонскиот филм и едноставно подобро не може да биде“, додаде тој.
И продуцентот Роберт Насков, на екипата на „Медена земја“ ѝ посакува многу среќа и освојување на двата Оскара. „Успехот на ‘Медена земја’ и номинациите за најважната филмска награда ‘Оскар’, не е само филмски успех туку и голем успех за целата држава на кој сите треба да бидеме горди. Уште еднаш се покажува дека во Македонија има луѓе и приказни кои се важни и кои праќаат универзални пораки во светот. Се потврдува дека најдобра афирмација на држава како нашата е културата и дека треба повеќе да се вложува во филмот и неговата промоција. Знам колку е тешко да се направи филм во Македонија и затоа ѝ честитам на целата екипа и им благодарам за тоа што направија да се чувствуваме среќни и горди“, истакна Насков за весникот ВЕЧЕР.
(Н.И.Т.)