Македонските салами и колбаси поевтини, им конкурираат на српските

96

Извозот на сувомесни производи е зголемен за 41,7 проценти, вкупното производство на сувомесни производи е зголемено за 6,64 проценти откако е воведена мерката од 1 јули 2018 година

Производството на сувомесни производи е зголемено за 6,64 отсто, а извозот за 41,79 отсто, освен тоа има и поголема искористеност на домашните капацитети, како и пад на цената на сувомесни производи. Овие позитивни движења во преработувачката месна индустрија се резултатот на воведената мерка минатата година за намалување на царината на смрзнато месо за преработка која ја спаси месната индустрија од колапс.
Според вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, домашните производители биле неконкурентни бидејќи морале да плаќаат царина на суровината за сувомесни производи, за разлика од соседите кои ослободени од оваа давачка. Поради тоа, домашните производители не беа конкурентни на домашниот пазар, па голем дел од нив работеа со загуба, а дел и ги затворија капацитетите.
– Преработувачките капацитети за преработка на месо беа во тешка ситуација и работеа само со 28 отсто од својот капацитет, а во супермаркетите главно имаше сувомесни производи од увоз, односно од соседните земји. Мерката беше воведена со цел да се помогне на преработувачката месна индустрија која имаше проблем и не беше конкурентна бидејќи суровината што ја користеше имаше царина, а сувомесните производи од странство се увезуваа без царина, истакна Анѓушев и додаде дека резултатите покажале дека донеле мерка каква што била потребна, а искористеноста на капацитетите се зголемила на 40 отсто.
Извозот на сувомесни производи е зголемен за 41,7 проценти, вкупното производство на сувомесни производи е зголемено за 6,64 проценти откако е воведена мерката од 1 јули 2018 година. Во 2018 година се извезени 2.936.495 килограми сувомесни производи, а во 2017 година 2.070.904 килограми, додека увозот лани изнесувал 6.039.749, а во 2017 бил 6.744.566 килограми.
Тој оцени дека од земја увозник станавме земја извозник и оти Македонија нема друга шанса освен брза индустријализација.
Министерот за земјоделство Николовски истакна дека мерката е продолжена до 30 јуни годинава, а придонесе искористеноста на капацитетите да порасне од 25 на 40 проценти, што пак, од друга страна не го наруши домашното производство.
Царината, како што рече претседателот на Групацијата Гоце Трајчев, пред воведување на мерката била помеѓу 19 и 35 проценти. Намалувањето, истакна, даде резултати и очекува позитивниот тренд да продолжи.
– Ова беше делумно ослободување и сегашните резултати не охрабруваат дека може да се зголеми и прошири. Не завршуваме на оваа мерка. Очекуваме да има проширување на повеќе тарифи, рече Трајчев кој додаде дека во компанијата од каде доаѓа тој МИК – Свети Николе од воведување на мерката имаат увезено 1500 тони од кои 400 тони се ослободени, а останатата количина не е ослободена од царина.
Мерката според него не влијаела негативно на домашното производство на свинско месо, наведувајќи дека домашното производство на свежо месо не е доволна ниту за домашниот пазар. (А.С.)