Македонските ракометарки ги почнуваат настапите на Еуро 2022

29

Женската ракометна репрезентација на Македонија денеска ќе го има својот прв настап на Европското првенство 2022 на кое Македонија е домаќин заедно со Словенија и со Црна Гора.

Избраничките на селекторот Љубомир Савевски од 18 часот во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје ќе се соочат со селекцијата на Франција. Иако Французинките важат за апсолутни фаворитки, од македонскиот табор најавија борбена игра и максимално залагање во обидот да направат изненадување.

Нашите репрезентативки апелираат до навивачите да дојдат во салата во што поголем број и да им дадат поддршка.

– Со срце за Македонија – порачаа од таборот на македонската репрезентација.

Ова ќе биде натпревар од Ц-групата која се игра во Скопје. Во терминот од 20:30 часот, исто така во „Борис Трајковски“ ќе играат Холандија и Романија.

Ракометната федерација на Македонија претходно ја информираше јавноста дека ќе субвенционира 40 отсто од цената на влезнците за натпреварите што се играат во Скопје.

На првиот натпреварувачки ден на ЕХФ Еуро 2022 постигнати се овие резултати:
Данска – Словенија 26:28
Унгарија – Швајцарија 33:28
Норвешка – Хрватска 32:23
Шведска – Србија 27:21.