„Тешко е нашата литература да се претставува во странство и делата да бидат прeведувани. Бидејќи во Македонија ниту имаме Агенција за продажба на авторски права, ниту имаме професионални агенти кои ќе ги застапуваат авторите надвор. А тоа така се прави во светот“, вели за весникот „ВЕЧЕР“ Ненад Стевовиќ, уредник и сопственик на издавачката куќа „Или-Или“

Петар Андоновски, Фросина Пармаковска, Давор Стојановски и Лира Бојку се четворицата млади македонски автори кои и покрај светската пандемија беа успешно промовирани во рамки на Деновите на македонска култура во Будимпешта што ги организираше Лекторатот по македонски јазик, Универзитет ЕЛТЕ и Здружението на Унгарци на Македонија- Теледом. На книжевната вечер модератор беше познатата унгарска книжевна ѕвезда, Оршоја Карафиат, а фрагменти од романите на писателите читаше познатиот унгарски актер Адам Бонц. Писателите ги претстави Ненад Стевовиќ, уредник и сопственик на издавачката куќа „Или-Или“.

„Годинава поради ситуацијата се одржа само една книжевна вечер (на 28 октомври) од повеќето активности кои ги имаше планирано Златко Панзов, кој е иницијатор на Деновите на македонска култура во Унгарија и кој работи како лектор на Универзитетот ЕЛТЕ“, изјави за весникот „ВЕЧЕР“ Ненад Стевовиќ.

Хендикеп е што немаме преведувачи на многу странски јазици…

Запрашан за бенефитот кој младите писатели го имаат од ваквата промоција тој истакна дека ова е некаква можност нашата литература да се претстави и надвор од рамките на нашата земја. „Но, ова е само еден чекор, а за тоа да донесе вистински резултат треба да биде дел од една државна стратегија. За претставување на нашата литература и култура во Унгарија чекорот кој го презема Златко Панзов и неговата иницијатива која е поддржана од Министерството за култура е само еден од можните начини како тоа да се прави. Но тешко е нашата литература да се претставува во странство и делата да бидат преведувани. Бидејќи во Македонија ниту имаме Агенција за продажба на авторски права, ниту имаме професионални агенти кои ќе ги застапуваат авторите надвор. А тоа така се прави во светот. Ние како мало јазично подрачје во тој поглед сме хендикепирани“, додаде Стевовиќ истакнувајќи дека треба нешто да се смени. „Еве, на пример, Словенците имаат Агенција за книга којашто одлично функционира и е добар начин за претставување на словенечката литература и култура надвор од рамките на Словенија. Таа е понапредна земја од нас, но по број на жители и помалку употребуван јазик, може да се направи некоја паралела со нас“. Околу преводот на дела на унгарски јазик, пак, Стевовиќ вели дека хендикеп претставува и што немаме преведувачи на многу странски јазици. „Преводите од македонски на унгарски ги прават Златко Панзов и неговата сопруга Анамарија Цинеге-Панзова. Но, работата не е само да се преведе, туку да се најде и заинтерсиран издавач во Унгарија. Од она што знам досега, на унгарски јазик се преведени ‘Вештица’ на Венко Андоновски, ‘Сестрата на Зигмунд Фројд’ на Гоце Смилевски, ‘Секој со своето езеро’ на Ненад Јолдески, ‘Резервен живот’ на Лидија Димковска, ‘Мојот маж’ на Румена Бужаровска“, посочи Ненад Стевовиќ.

Постои интерес за македонската книжевност и култура во Унгарија

За македонската писателка Фросина Пармаковска, претставувањето на македонската литература и, воопшто, литературите на малите земји надвор од нивните граници е секогаш тежок потфат, а во услови на пандемија, работите дополнително се комплицираат. „Потребна е мошне комплексна организација која подразбира координација на повеќе субјекти и институции и, на крај, се негативните тестови на сите учесници кои треба да се направат во последниот момент пред тргнување и во тој поглед, Панзов завршил одлична работа. Самото претставување помина и подобро од очекуваното во однос на посетеноста, интересот на унгарската публика, нашата можност да ги претставиме своите романи, но и да поразговараме за други прашања кои се битни за современите текови на книжевноста, како и за контекстот во кој сега писателите творат. Со извесна носталгија кон ова патување кое, можам да речам дека успешно го заокружиме, останува да се надеваме дека во што поскоро време часовникот на светот ќе продолжи да чука од онаму каде што застана во март, годинава“, вели за „ВЕЧЕР“ Пармаковска.

И писателот Петар Андоновски, со сличен став. „Во овие чудни времиња да отпатувате за културен настан не само што е вистински луксуз, туку во најмала рака е нереално. Но, благодарение на упорноста на организаторот Златко Панзов, успеавме успешно да се претставивме пред унгарската публика. Многу ме радува што има голем интерес за македонската книжевност и култура во Унгарија“, посочи Андоновски.

Според лекторот Златко Панзов, ваквиот тип настани предизвикуваат голем интерес кај унгарската публика и се надева дека „Деновите на македонска култура во Будимпешта“ ќе продолжат да се одржуваат и понатаму. За промоцијата е издадена промотивна книга „Visszaszámlálás“ со фрагменти од делата на четворицата македонски автори во превод на унгарски.

Наташа Илиевска-Таневски