Неколку релевантни македонски писатели кои со своите дела, активности и награди беа актуелни минатата година на прашање на весникот ВЕЧЕР одговараат кои се нивните очекувања за 2022 на професионален план и како можат да придонесат оваа година да биде подобра, посреќна и поуспешна…

Жарко Кујунџиски

Пред околу еден месец излезе од печат книгата „Новите авантури на Тино од мојот влез“, која ја работевме заедно со Тхе Мичо. Јас како автор на текстовите, а тој како илустратор. Заедно добивме прекрасно издание. Така што очекувањата од 2022 година се книгата да ја прочитаат што повеќе читатели за кои е наменета – децата и нивните родители. Сите да уживаат во новите авантури на Тино, кој долги години беше омилен во градинките. Секако, за тоа најзаслужно е списанието за предучилишна возраст „Росица“, каде што секој месец беа објавувани расказите што прикажуваа нова епизода од бељите на Тино и подвизите на Топтино и Ле Жба.

Сите се надеваме дека годинава ќе биде коректив на претходната и сè ќе биде многу подобро. Нашето лично пројавување како автори во традиционалните и на социјалните медиуми е еден од начините да се слушне гласот на разумот, солидарноста, емпатијата и подадената рака. Некои од нас, пак, дејствуваат со практични дела и надвор од очите на јавноста. Секој придонесува на свој начин. Можноста да се однесуваме одговорно кон околината и заедницата веќе не е избор, туку одлука. Можеби најважна што можеме да ја донесеме. Затоа, им посакувам среќна и одговорна Нова 2022 година на сите наши граѓани!

Владимир Јанковски

Моите очекувања за 2022 година на професионален план главно се поврзани со издавањето на преводите на српски и на чешки јазик на мојот роман „Скриени желби, немирни патувања“. Освен тоа, моментално работам на неколку преводи кои би требало да излезат оваа година. Меѓу нив се книгите од Ранко Маринковиќ, Драго Гламузина, Лана Басташиќ, Пиа Лејно и Кетрин Дојл. Планирам промотивни разговори со неколку европски писатели, како и активности поврзани со еден проект кој се занимава со зголемувањето на поддршката на преведувачите кои преведуваат македонски автори на европските јазици.

Што се однесува на прашањето како јас лично би можел да придонесам за тоа 2022 година да биде подобра, посреќна и поуспешна… мислам дека сите ние би можеле да придонесеме за тоа доколку колку што е можно попосветено се занимаваме со она што е наша професија или со она што е поврзано со нашите компетенции, а колку што е можно помалку паѓаме во стапицата да се занимаваме, да коментираме, да се расфрламе со (произволни) ставови и коментари за нештата за кои знаеме малку или недоволно.

Петар Андоновски

Слободно можам да кажам дека 2021 за мене беше убава година. Година исполнета со многу патувања, од кои две за мене беа многу важни, а тоа се патувањата во Кападокија и Египет, а патувањата се како и книгите ако не променат ништо во нас, џабе сме го потрошиле времето на нив… Година во која мојот роман „Страв од варвари“ беше објавен во Англија и Србија, година исполнета со гостувања, интервјуа, нови пријателства, нови копнежи… Во новата година очекувам да се реализираат сите оние договори и планови кои ги направив во 2021, а тоа се: гостување на саемот на книга во Лајпциг, превод на „Страв од варвари“ во Италија, Франција, Хрватска и Бугарија, премиера на „Лето во кое те нема“ во театарот во Куманово, промоција во Брисел, и се надевам ќе успеам да го реализирам патувањето во Индија кое треба да биде подарок за мојот 35-ти роденден, но очекувам и многу нови планирани и непланирани градови, мориња, острови…

2021 ќе ја паметам и како многу тешка и мачна година за Македонија. Година во која имавме дури две големи несреќи. Посакувам во 2022 да се смееме што повеќе, на социјалните мрежи да гледаме што помалку политика, да станеме повеќе емпатични едни кон други, да научиме да им се радуваме и на најмалите работи, и да љубиме, и никогаш да не дозволиме срцето да ни остудени…

Фросина Пармаковска

Ако зборуваме конкретно за очекувањата за 2022 година на професионален план, за еден писател, тие секогаш и секогаш се врзуваат за процесот на пишување. Најнапред ќе посакам здравје, спокој, слобода, како еден неопходен предуслов, подлога на која ќе „се залепи празниот лист хартија кој треба полека да почне да се исполнува“. Една добра и здрава подлога која секако подразбира уште и време на претек и простор лично за себе, е и тоа како важна, особено ако зборуваме за создавање на роман, за отпочнување на процесот, но и за неговиот успешен натамошен ритам и континуитет. Ете, тоа е мојата желба: оние идеи кои неодамна почнаа да засветлуваат во моментите на тишина и одмор од претерано сивото секојдневие да фатат корен, па и стебло, гранки, лисја, сѐ комплет… Се работи за многу млади, кревки и неоформени импулси, па имајќи го тоа предвид, ќе си посакам и инспирација, но и волја, мотивација и дисциплина за нивно оформување, реализација, вдахновување. Ќе „побарам“ од 2022 да ми обезбеди оригинален, удобен и уживачки процес на пишување кој за мене е еднакво значаен, еднакво прекрасен колку и чувството кога ќе си ја видите книгата објавена и во рацете на читателите. Уште едно од професионалните очекувања е поврзано со мојот последен роман „На враќање“ односно неговиот превод на бугарски јазик. На неговото објавување уште однапред се радувам затоа што ќе го комплетира моето творештво преведено на бугарски – ова ќе е последниот преведен роман, по „Одбројување“ кој излезе минатата година и „Вишнова хроника“ уште пред пет-шест години. Уште една причина поради која се радувам е што значаен дел од романот е напишан на резиденција во Софија, па некако природно ми изгледа да заживее и таму.

Не знам дали се работи повеќе за очекување или посакување во 2022 година, а се однесува на промоциите на книги и книжевните настани кај нас па и надвор – искрено копнеам по враќање на тие моменти кои се една од првите работи кои ми/ни недостигаат откако почна пандемијата. Значи, враќање на книжевните настани во целата своја поранешна нормалност со многу луѓе, дискусии, дружби, убаво, весело расположение… Во однос на тоа на кој начин може да се придонесе за годинава што доаѓа да биде посреќна, јас повторно ќе го посочам пишувањето. Книгата, конкретно, романот е најзначајното нешто што може да излезе од мене оваа, следната или која било година – нешто подобро или поголемо од пишување јас не би можела да направам, а и искрено, мојата среќа е токму тука, во тоа, во пишувањето.

Блаже Миневски

Во текот на оваа година треба да излезат преводите на мојот роман „Фантомско стапало“ на руски, бугарски, српски, полски и германски јазик. Но она што може да биде поширок одговор во контекст на очекувањата е надежта дека нешто ќе се промени во однос на третманот на македонскиот автор и македонската книга во државата. Пресудно за иднината на македонската книга, македонскиот писател, македонската книжевност воопшто е концепот на поддршка. Прво, мора да се прекине со стимулирање квантитет, и веднаш да се сконцетрираме само на квалитет. Времето кога на Македонија и требаа многу, а не добри книги на македонски јазик одамна е зад нас. Инаку, писателот може да придонесе за подобра, посреќна и поуспешна година само со добра и подобра книга. Посакувам годинава повторно да се појавиме на некои од најзначајните саеми на книгата како оној во Франкфурт, Лајпциг, Париз, Лондон, Мадрид, Варшава или Белград! Но таму не смее да се оди само со книги за гледање без пипкање, туку и со добро подготвени проекти. На вакви саеми не се оди само да се чуе дека постои Македонија, туку да се чуе дека постојат добри македонски автори кои можат да бидат објавувани низ Европа, како што се објавуваат, да бидаме искрени, десетици послаби, но многу подобро менаџерски поддржани автори од Бугарија, Србија, Албанија, Словачка, Полска, Шведска, Хрватска. Нивните книги се објавуваат и кај нас, затоа што имаат стратегија како да дојдат до издавачи од Македонија. Македонија има книжевност што може да се извезува, но треба да се знае што и како да се однесе на пазарот, а оние што ќе се нафатат да извезуваат македонска книжевност, треба да добијат субвенции за стимулирање на извозот како сите други стратегиски извозници на македонски производи, односно брендови.

Една од моите писателски желби за годинава е конечно, преку евентуално активираната Агенција за книга, да почне да се поддржуваат проекти на врвни македонски писатели, кои би сакале да напишат роман како професионалци. Имено, писателот до Агенцијата би конкурирал со проект за роман. Работата на романот предвидува дека ќе се заврши за една или две години. Доколку се прифати проектот, писателот би добивал стипендија во висина на месечна плата која е доволна за едно нормално живеење. Се разбира, кога романот ќе биде завршен, авторот добива и хонорар за своето дело. На тој начин ќе се овозможи прозата да се пишува професионално, во услови кога нема пазар за тоа, а од друга страна писателот ќе може целосно да му се посвети на својот роман кој бара „работно време“, а не „викенд-пауза“. Како подарок би сакал годинава конечно некој да се осмели да регистрира Агенција за пласман на македонски книги и автори во светот. Таквите агенции во соседните земји работат одлично. Кај нас една ваква агенција за почеток може да биде субвенционирана од државата, па дури и да им се отстапат првите десет книги преведени на англиски јазик бесплатно за да можат да ги понудат на разни издавачи, менаџери и агенти во светот. Македонците не успеаја да ја остварат идејата на дваесетиот век – светот како поле за културен натпревар меѓу народите, – но, што е уште потрагично, дваесет и првиот век го почнаа без идеја. Ќе ја реафирмираме старата или ќе усвоиме нова во третата деценија на 21-от век? Имаме ли идеја за предизвик и опстанок?

Наташа Илиевска-Таневски