Македонските пејачи не знаат каде ќе пеат за Нова година, а нивните колеги од Србија и од Хрватска веќе наплатија за „мрсните“ тезги

123

Естрадни чуда, сепак, се случуваат!                                                                      Апсолутни балкански рекордери според  новогодишните хонорари за настап во најлудата ноќ, пречекот на 2025 година, се вечниот Здравко Чолиќ и новата миленичка на публиката и снаа на Лепа Брена, Александра Пријовиќ-Прија. Таа ќе пее на српски Златибор за неверојатни 120 илјади евра!

За разлика од македонските естрадни ѕвезди кои, за жал, уште не знаат каде ќе пеат за најлудата новогодишна ноќ, српските и хрватските не само што знаат туку и „мрсно“ наплатија за настапот, и тоа уште сега, кон крајот на октомври. Според српските и хрватските извори на сигурни информации, апсолутни балкански рекордери според новогодишните хонорари за настап во најлудата ноќ, пречекот на 2025 година, се вечниот Здравко Чолиќ и новата миленичка на публиката и снаа на Лепа Брена, Александра Пријовиќ-Прија (ќе има концерт во Скопје, на 22 ноември).

Прија ќе пее на српски Златибор, новогодишно, за неверојатни 120 илјади евра! Нејзината свекрва, Лепа Брена, ќе се весели во Белград за 110 илјади евра. Тоа значи дека тие две ќе инкасираат во паричникот на фамилијата Живојиновиќ „солени“ 230 илјади евра. Така што за нив нема зима, но ќе има, зошто да не, некоја нова куќа на Флорида или во Монте Карло. Славната Цеца Ражнатовиќ не е ниту приближно до овие вртоглави суми.

Популарниот Здравко Чолиќ, исто така, ќе настапи за 120.000 евра, но во Тиват на Црногорското Приморје. Легендарниот Чолиќ, кој уште впечатливо трае на естрадата, и оваа Нова година добро ќе се опари. Со огледа на тоа што за изминатата Нова година, за пеење на Страдун во Дубровник, заработи дури 130 илјади евра. Со тоа предизвика масовни предновогодишни протести од жителите на Дубровник. По сите овие ѕвезди, одлично со хонорарите ќе поминат и: Аца Лукас, Саша Матиќ, Марија Шерифовиќ, Саша Ковачевиќ… кои ќе пеат во Белград, добивајќи нешто помалку од 100.000 евра.

Исто така, супер-одлично ќе заработи и сексапилната Северина, која ќе настапи во Сплит, каде што лудо во лудата ноќ гостите ќе бидат забавувани и од: Дорис Драговиќ, евровизиската ѕвезда Бејби Лазања, Данијела Мартиновиќ, Тони Цетински и Горан Каран.

На пречекот на најлудата ноќ во Белград ќе настапи и контроверзната Теа Таировиќ. Нејзиниот хонорар е нешто помал, но доволно „солен“ и изнесува 50.000 евра. Новосадската барбика, Наташа Беквалац, за својот новогодишен настап ќе инкасира 45.000 евра, а легендата на српската изворна народна музика, Мирослав Илиќ, и во овие свои пристојни години, ќе пее за 40.000 евра.

Другите пејачи и пејачки се со далеку помали новогодишни хонорари. Како, на пример, Супер Снеки или Душко Локин, доколку сè уште се сеќава некој на нив како на некогашни големи пејачки ѕвезди.    Д.М.