Македонските земјоделци ќе ораат со нови трактори

439

Дали конечно им дојде крајот на старите ИМТ трактори и дали на македонските ниви ќе можеме да видиме нови трактори со помала потрошувачка на нафта и со поголема брзина и ефикасност во извршување на земјоделските операции? Годинава со новата Програмата за рурален развој за 120 отсто е зголемена поддршката за набавка на трактори и земјоделска механизација, а вкупната сума која државата ќе ја издвои за оваа цел е еден милион евра

Двојно се зголемува државната поддршка за набавка на трактори од 30 на 60,2 милиони денари, а освен преку Програмата за рурален развој земјоделците пари за набавка на нови трактори и земјоделска механизација можат да добијат и преку ИПАРД програмата. Ова ја враќа надежта кај македонските земјоделци дека конечно нивите ќе ги ораат со нови современи трактори и ќе ги заменат старите југословенски трактори ИМТ трошат многу нафта. Токму застарената механизација е еден од главните факторите кои ги прават нашите земјоделски производи поскапи и помалку конкурентни на европските пазари.
Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски вели дека во Програмата за рурален развој во оваа година за 120 отсто е зголемена поддршката за набавка на трактори и земјоделска механизација, а вкупната сума за оваа цел е еден милион евра.
– Во 2019 година се разграничени сите мерки кои се во Програмата за рурален развој, а кои се во ИПАРД програмата. Ако една работа се подржува преку едната програма, тоа ја исклучува можноста дека може да добие пари за иста работа преку другата програма. Но, во делот на тракторите направивме исклучок, бидејќи лани склучивме рекорден број на договори со земјоделските стопанства за набавка на трактор преку ИПАРД, над 700 договори со што целокупниот износ на средства за трактори преку ИПАРД програмата 2014 – 2020 веќе го потрошивме и имаме 189 барања за исплата на пари. Тоа дозволува да поддршката за трактори остане преку Програмната за рурален развој затоа што буџетот што е на располагање од ИПАРД 2 кој е во вкупен износ од 10 милиони евра го искористивме и сега доаѓа периодот кога тие трактори треба да ги видиме на нивите, вели Николовски.
Тој објасни дека земјоделците се уште можат да ги користат парите од ИПАРД-програмата само за набавка на земјоделска механизација.
Земјоделците се согласни дека со нови трактори земјоделското од една страна ќе ги забрзаат и ќе ги олеснат земјоделските операции, а од друга страна ќе се зголеми квалитетот и конкурентноста на земјоделското производство.
– Се уште нивите ги ораме со стари ИМТ трактори. Овие трактори се употребуваат само во Македонија и Србија, а во дргуте земји од регионот одамна се исфрлени од употреба, бидејќи имаат голема потрошувачка на нафта и нема резервни делови за нивно одржување, вели претседателот на Сојузот на земјоделци, Вељо Тантаров.
Тој додава дека поради лошите земјоделски политики порано трактори се давале и на оние кои воопшто не се занимавале со земјоделство. – Се даваа големи трактори од над 100 коњски сили за земјоделци со по два декари земја. Голем дел од земјоделците овие трактори воопшто не ги користеа, туку ги препродаваа, вели Тантаров.
Освен тракторите, земјоделците велат дека стара е и приклучната механизација. Меѓутоа, и тие сметаат дека сега со зголемената поддршка од државата за набавка на трактори и со олеснетите услови за добивање на европски пари од ИПАРД програмата ќе се промени ваквата состојба.
Тие се надеваат дека и нивните ниви ќе се ораат со нови и современи трактори. Ние не бараме трактори од 200 коњски сили туку нови со најмалку 100 коњски сили за обработка на земја од 10 до 20 хектари.
И тие се оптимисти и велат кој знае можеби за неколку години и на нашите ниви може да се сретне некој трактор како „биг бад”, кој има 12 тркала и 525 коњски сили, а земјоделските работи ги извршува неколку пати побрзо од другите трактори. (А.С.)