Македонските земјоделски производи што се извезуваат во ЕУ мораат да имаат минимално ниво на пестициди

16

Европскиот парламент, на денешното пленарно заседание во Стразбур, со големо мнозинство гласови отфрли две одлуки на Европската комисија со кои се регулираа нивоата на дозволени пестициди во прехранбените продукти што се увезуваат во ЕУ од трети земји.

Станува збор за одлуките за толеранција на максималните нивоа на остатоци на ципроконазол и од спиродиклофен во житните култури, семињата, месото, црниот дроб и бубрезите, како и за нивоата на беномил, карбендазим и на тиофанат-метил во лимоните, лиметата, мандарините и во бамјите.

Инаку, употребата на сите овие пестициди е забранета во ЕУ.

Резолуцијата со која се отфрла првата одлука за нивоата на ципроконазол и на спиродиклофен беше усвоена со 522 гласа „за“, 127 против и 28 воздржани, а втората, за нивоата на беномил, карбендазим и на тиофанат-метил, беше прифатена со 516 гласаа „за“, 129 против и 27 воздржани. За усвојување на резолуциите, беше потребна поддршка од најмалку 359 гласа на европратениците.

Во резолуциите се нагласува дека за земјоделските производи увезени во ЕУ од земји што не се членки на Унијата, мора да важат истите стандарди како и за продуктите произведени во земјите членки на блокот, со цел да се обезбеди „рамноправен терен за игра“.

Според европратениците, со дозволувањето повисоки нивоа на остатоци од пестициди во увезената храна, воедно се загрозува здравјето на граѓаните во Европа, но и на жителите на земјите производители на овие прехранбени продукти.

Врз основа на ваквата одлука на ЕП, Еврокомисијата сега мора да ги повлече двете одлуки. Европратениците воедно ја повикуваат ЕК да предложи нови нацрт-одлуки со кои ќе се намалат сите максимални нивоа на остатоци на пестициди до најниската граница што може да се открие или на стандардната вредност од 0,01 милиграми на килограм, како и да отфрли какви било барања за толеранција за отстапување од стандардите за увезената храна.