Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија вели дека луѓето во Германија сè потешко купуваат текстилни производи, што директно влијае на нарачките. Тој истакнува дека тоа директно влијае на сите текстилни капацитети во земјава кои за да ја амортизираат состојбата го намалуваат бројот на работници. Само годинава бројот е опаднат за 14% и е некаде околу 28.000 работници. За споредба, во најдобрите времиња во 2009/2010 година, во текстилната гранка работеа 63.000 работници
Германија се соочува со најголема економска криза од обединувањето. Дури 60% од извозот на домашната текстилна индустрија оди за Германија, затоа и најсилно ги чувствува последиците со намалување на извозот за 20%.
Домашните експертите не очекуваат следната година да биде нешто многу поразлична од претходните две во овој поглед. Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија вели дека луѓето во Германија сè потешко купуваат текстилни производи, што директно влијае на нарачките. Тој истакнува дека тоа директно влијае на сите текстилни капацитети во земјава кои за да ја амортизираат состојбата го намалуваат бројот на работници. Само годинава бројот е опаднат за 14% и е некаде околу 28.000 работници. За споредба, во најдобрите времиња во 2009/2010 година, во текстилната гранка работеа 63.000 работници.
Сепак, Димитров е на став дека доколку престане војната во Украина, во тој случај ситуацијата може и да се подобри или како што вели релативно брзо да се врати оптимизмот кај купувачите и да се подобри состојбата.
Економскиот аналитичар и професор на Виенскиот институт, Бранимир Јовановиќ, во изјава за МИА вели дека кризата во Германија веќе две години се одразува врз македонската економија и дека следната година нема да биде нешто многу поразлична од претходните две.
– Една од причините што економскиот раст во Македонија во последните две години е меѓу најслабите во регионот е токму рецесијата во Германија. Македонија е најмногу изложена кон германската економија од сите земји од Источна Европа – дури 40 проценти од македонскиот извоз завршува таму. Затоа и извозот паѓа веќе две години по ред, поради слабата побарувачка од Германија. Затоа, мислам дека следната година нема да биде нешто многу различна од претходните две во овој поглед. Германија веќе две години има пад на БДП и следната година, всушност, се очекува земјата конечно да забележи раст, иако само мал, од околу 0,5 проценти. Тоа, секако не е доволно за да ја извлече македонската економија од летаргијата во која е навлезена, но не е ни толку лошо за да ја турне економијата во депресија – оценува Јовановиќ за МИА.
Изминативе пет години се носеа лоши одлуки што го урнисаа германскиот економски модел и токму кога на остатокот од Европа му требаат индустриски „мускули“ за да му помогнат на регионот да одржи чекор со Кина, да се справи со војната во Украина и да одговори на сè поизолаторните политики од САД.
– Германија не се распаѓа прекуноќ. Тоа е она што го прави ова сценарио апсолутно страшно, застрашувачко. Тоа е многу бавен, многу долготраен пад. Не на компанија, не на град, туку на целата земја, со што ја влече надолу и Европа – рече Ејми Веб, основачка и главна извршна директорка на институтот „Фјучер тудеј“, кој ги советува германските компании.
Германија губи поголем дел од своето производство, а извозот се намалува додека компаниите ги зауздуваат домашните инвестиции. Новото истражување на институтот Ифо покажува дека загубата на евтините руски енергенти и неможноста на „Фолксваген“ и „Мерцедес бенц“ да одржат чекор со кинеските автомобилски фирми, предизвика компаниите да размислуваат за отпуштања на работници.
– Постојат малку компании кои вработуваат нови работници – вели авторот на истражувањето Клаус Вохрабе и потенцира дека отпуштањата првенствено ги планираат индустриските производители и трговците на мало.
Ваквата состојба може да ги засегне македонските иселеници и оние кои привремено работат во странство. Нивните девизни дознаки историски претставуваат значен дел од вкупниот девизен прилив во платниот биланс на земјата и покриваат поголем дел од трговскиот дефицит, а со тоа се значајна поддршка на девизните резерви и стабилноста на курсот. Тие низ годините се релативно стабилна категорија на девизен нето-прилив во земјата и во просек, во периодот 2005-2022 изнесуваат околу 14 отсто од БДП.
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вели дека извозот е значајна алатка за малите економии, кои немаат сопствен голем пазар и се упатени на пласирање на своето производство на странските пазари.
– Постојат голем број емпириски истражувања што ги поврзуваат степенот на надворешната трговија во една земја (извозот) и степенот на конвергенција. Кај нас во последните две декади доходовната конвергенција е двојно зголемена, меѓу другото поради големото зголемување на извозот од 70% на 150% од БДП, со што сме земја со најголема трговска отвореност во регионот на Западен Балкан. Имавме поголем пад на извозот во периодот на пандемијата, меѓутоа потоа следуваше процес на постепено закрепнување. Во последниот период има одредено стабилизирање, при што главно овие трендови се во согласност со светските трендови каде што се гледа забавување на растот на светската трговија којшто е сведен на 0,8%. Врз македонската економија влијаеја и одредени специфични домашни фактори, односно привременото неработење на одредени капацитети од металопреработувачката и автомобилската индустрија, за кои се надеваме дека се од привремен карактер и за кои сметаме дека од наредната година ќе придонесат кон солидно забрзување на извозот од 5,8% на среден рок – нагласи гувернерката Ангеловска-Бежоска во интервју.
Сепак, во целото сивило во кое е обвиена германската економија, стигна убава вест. Од 1 јануари детскиот додаток во Германија се зголемува за пет евра, а се зголемуваат и даночните олеснувања за семејствата со деца. Тоа значи повеќе пари во паричникот за семејствата, особено за оние што доаѓаат од надвор.
Според тоа, детскиот додаток ќе изнесува 255 евра по дете (5 повеќе од претходно). Даночниот додаток за деца во јануари ќе се зголеми за 60 евра на 6.672 евра. Во 2026 година ќе се зголеми за дополнителни 156 евра на 6.828 евра.
Од јануари за пет евра ќе се зголеми и детскиот додаток за семејства со ниски приходи, на 25 евра месечно. Според пресметката на Зелените, семејствата со две деца и приход од 60.000 евра в година ќе бидат ослободени од товарот за 306 евра, јавија германските медиуми.
(С.Бл.)