„М“, во режија на Вардан Тозија, ја освои главната награда за најдобар филм на интернационалниот фестивал на жанровски филм „Light Till Dark“ во Оребро, Шведска.

„Овој филм носи нова перспектива на еден познат жанр. Филм со силни актерски изведби и сензитивна режија. Тоа е прекрасен филм, подеднакво визуелно и тематски. Филм кој нè остава со надеж, но и скршено срце“, се вели во образложението на интернационалното жири.

„Light Till Dark“ е фестивал чија селекција обединува нови и класични филмски дела од областа на фантастиката, научната фантастика и хорор. „Целта на овој фетивал е да се промовираат жанровски филмови, но и да се откриваат нови дела кои не стигнуваат во широка дистрбуција“, изјави Даниел Лундстен, директорот на фестивалот.

Инаку, македонскиот филм „М“ не запира со својата фестивалска турнеја. Следни проекции ќе се одржат на почетокот на декември, каде „М“ ќе ги има својата холандска и финска премиера – во рамките на официјалните селекции на фестивалот „Eastern Neighbors” во Хаг и интернационалниот Скандинавски филмски фестивал во Хелсинки.

„М“ е втор долгометражен филм на Вардан Тозија. Тоа е дистописката приказна за осамено момче од шумата, кое наидува на низа предизвици и авантури, барајќи ја својата самовила…  Тозија сценариото го пишува заедно со Даријан Пејовски, а продуцентската палка ја дели со Дарко Попов. Филмот, во продукција на Фокус Покус, е работен со копродуценти од Франција, Хрватска, Косово и Лукембург.

Актерската екипа ја сочинуваат: Матеј Сиваков, Сашко Коцев, Александар Ничовски, Камка Тоциновски, Бојана Грегориќ Вејзовиќ, Верица Недеска, Владимир Тулиев, Оливер Митковски, Мирослав Петковиќ, Жаклина Петровска, Благоја Веселинов, Борис Дамовски, Јамина Билаловиќ, Михајло Миленковски и Тони Михајловски. Кинематографер е Владимир Самоиловски, костимите се дело на Андреа Кустовиќ и Николина Костаншек, музиката е на реномираниот филмски композитор Натаниел Бергес (Nathanaël Bergèse) во соработка со францускиот ко-продуцент „Les Contes Modernes“.