Македонскиот музичар Цеки го освои Балканот во ТВ-шоуто „Никогаш не е доцна“ – Калиопи остана без воздух – „Тој е легенда“!  

10026

“Пак воодушевена те гледам тука пред мене. Само што цело време размислував како ќе ја отпееш убавата балада „Вјеруј у љубав“ од репертоарот на легендарниот Оливер Драгојевиќ? Оваа твојата интерпретација беше навистина верзија каква што досега не сме имале можност да ја слушаме“, истакна Калиопи 

 57-годишниот македонски музичар Зоран Рудан-Цеки, со својот завчерашен настап во популарното балканско ТВ-шоу „Никогаш не е доцна“ и на дело во живо покажа и докажа дека за музиката и добрата песна навистина никогаш не е доцна.

Музиката секогаш беше и остана дел од мене. Ја имам низ вените уште од мали нозе, од кога во рацете ја зедов хармониката. Потоа поминаа годините и јас добив деца. Моите деца се сега веќе израснати луѓе. Синот е во Франција, тука во Македонија сме останати само јас и сопругата, објасни Цеки за својот моментален животен статус.       Но тој никогаш не се жалеше туку тивко си ја туркаше кариерата. Овој настап во „Никогаш не е доцна“, со оглед на тоа дека шоуто има врвна гледаност, за Цеки беше особено значаен и емотивен.

Цеки, кој инаку е како личност секогаш прилично добро расположен и комуникативен, на времето во младоста го имаше бендот „Рок систем“.

-И покрај тој мојот бенд, постојано ги сакав  и „Бијело дугме“ и „Шарло акробата“. Музиката е мојот живот, па кога се вработив во пошта, не можев долго да издржам со таа, би кажал, за мене, здодевна работа.

За настапот во „Никогаш не е доцна“, Цеки ја имаше и големата поддршка од неговиот колега Стевче, а и двајцата од водителот Жика Јакшиќ беа претставени како вистинска пријатна музичка атракција од Македонија. Особено затоа што Цеки и Стевче го имаат бендот „Бело копче“, кое е всушност копија на оригиналното „Бијело дугме“, исполнувајќи ги на настапите хитовите на популарните сарајлии.

-Тие се бенд кој во случајов на „Бијело дугме“, се облекуваат, свират и пеат исто како Горан Бреговиќ, Младен Војчиќ-Тифа, Жељко Бебек, Ален Исламовиќ. Сите оние кои оставија трага во вистинското „Бело копче“, раскажа духовитиот Жика.

Инаку, во жирито на „Никогаш не е доцна“ беше и нашата музичка ѕвезда Калиопи, која за Цеки кажа дека е вистинска легенда без разлика што последните години тие двајцата, секако ненамерно ги изгубија комуникациите.

-Сепак, пак се сретнавме јас и Цеки, благодарение на оваа гледана ТВ-емисија, раскажа Калиопи.

Таа мошне пријатно беше изненадена од изборот на песната со која Цеки настапи. И навистина на моменти останувајќи без воздух.

– Те познавам одлично и знам што пееш. Легенда си која пак ја гледам воодушевено тука пред мене. Само што  цело време размислував како ќе ја отпееш убавата балада „Вјеруј у љубав“ од репертоарот на легендарниот Оливер Драгојевиќ? Оваа твојата интерпретација беше навистина верзија каква што досега не сме имале можност да ја слушаме, истакна Калиопи со особено задоволство.

И секако дека после таквото извонредно пеење на Цеки, никој не остана рамнодушен. Тоа се потврди со самото тоа што македонскиот пејач доби огромен број гласови.

На тој начин му е овозможено понатаму да се натпреварува, а и ние од Македонија да навиваме за него. Браво, Цеки, беше навистина одличен и харизматичен.  Д.М.