Ни австралискиот кандидат за Оскар, „Нема да бидеш сама“ на македонскиот режисер Горан Столевски, исто така, не успеа да влезе на потесната листа за номинација за најдобар интернационален долгометражен филм, а за потесната конкуренција не се избори ни „Вознемирена земја“ на македонската режисерка Кумјана Новакова

Македонскиот кандидат „Најсреќниот човек на светот“ не влезе на потесната листа од 15. остварувања, од исто толку земји за номинација за Оскар за најдобар интернационален долгометражен филм. Премиерно прикажана на 79. Мостра во Венеција, психолошката драма на Теона Стругар Митевска говори за тешкотијата на помирувањето, кое е неопходно за да може да се продолжи со животот во мир после војна, а дејството се случува во Сараево. Во филмот, кој е снимен на босански јазик и базиран на вистинска приказна на коавторката на сценариото Елма Татарагиќ, главните улоги ги толкуваат актери од БиХ, а учествуваат и актери од Македонија.

Инаку, петнаесетте филмови и земји кои се пласираат во следниот круг на гласање за номинација за Оскар во категоријата интернационален долгометражен филм се: Аргентина со „Аргентина, 1985 година“, Австрија со „Корсет“, Белгија со „Близу“, Камбоџа со „Враќање во Сеул“, Данска со „Светиот пајак“, Франција со „Свети Омер“, Германија со „Сè е тивко на западниот фронт“, Индија со „Последното филмско шоу“, Ирска со „Тивката девојка“, Мексико со „Бардо, лажна хроника на грст вистини“, Мароко со „Синиот кафтан“, Пакистан со „Џојленд“, Полска со „ЕО“, Јужна Кореја со „Одлука за заминување“ и Шведска со „Заговор во Каиро“.

Во оваа категорија кандидати беа филмови од 92 земји и региони од светот.

Австралискиот кандидат за Оскар, хорор-драмата „Нема да бидеш сама“ (You Won’t Be Alone) на македонскиот режисер Горан Столевски, а во кој улогите ги толкуваат шведската актерка Нуми Рапејс (Noomi Rapace), како и македонските актерки Сара Климоска, Ирена Ристиќ и Верица Недеска, исто така не успеа да влезе на потесната листа за номинација за најдобар интернационален долгометражен филм.

Вчера Академијата за филмски уметности и науки, освен во оваа категорија, ги објави и потесните списоци во уште 9 категории за 95. доделување на Оскар, и тоа: документарен долгометражен филм, документарен краток филм, шминка и фризура, музика, оригинална песна, анимиран краток филм, краткометражен филм, звук и визуелни ефекти.

На потесната листа, во категоријата за документарен долгометражен филм, пак, не се квалификуваше ниту „Вознемирена земја“ (Disturbed Earth) на македонската режисерка Кумјана Новакова и на шпанскиот режисер Гиљермо Карерас-Канди.

Номинациите за 95. Оскари ќе бидат објавени на 24 јануари 2023 година, а свеченоста на доделувањето на Оскарите треба да се одржи во театарот „Долби“ во Лос Анџелес, на 12 март 2023 година. (Н.И.Т.)