Македонскиот зет, Словенецот Тадеј, ќе стане татко – идната мајка згодната Македонка Зорица, ја сподели радоста преку интересни фотографии

1136

Среќно семејство!

Некогашната македонска пејачка, а сега популарна мејкап артистка, Зорица Матијашиќ, попозната како Зои Блажева-Блаж, која успешно ја грaди кариерата надвор од Македонија, пред сè во Словенија и во Германија, радосно објави дека е бремена. По свадбата со популарниот словенечки ракометар Тадеј Матијашиќ, Зои се пресели во Германија, каде што тој игра ракомет, за тамошниот клуб „Сул“. Во Германија убаво живеат веќе неколку години, а преку лето доаѓаат кај своите во Словенија и во Македонија.

Згодната Зои и згодниот Тадеј ја пласираа веста за тоа дека ќе станат родители преку социјалните медиуми, а во радоста им се придружи и нивниот миленик, кученцето Хеиди, кое е рамноправен член на семејството.

– Нашиот најголем благослов е на пат, едвај чекам да ви раскажам за сè – среќно порачува идната мајка Зои.

Со „додатокот“ на мошне интересна нова фотографија (на која насмеаниот Тадеј ѝ го гали трудничкото стомаче), им се заблагодари на сите што ѝ честитале за приновата што треба да пристигне наскоро.

Зои постојано внимава на својот физички изглед, се грижи за својата внатрешна и надворешна убавина.

– Мејкапот отсекогаш сум го сакала, уживам да го работам тоа. Се надевам, доколку родам девојче, кога ќе порасне малку, ќе можам и него да го шминкам. Моите клиенти се секогаш задоволно од тоа како ги шминкам, затоа повторно се враќаат кај мене, во моите раце – вели Зои.

Секако дека ѝ веруваме.

Инаку, словенечкиот ракометар Тадеј Матијашиќ, кој сега игра во Германија и кој е горд македонски зет, потекнува од словенечкиот јадрански град Копер. Едно време играше ракомет во Македонија, каде што и се запозна со нашата Зорица. Со текот на времето, нивната врска прерасна во голема, искрена љубов. Потоа влегоа во брак, а за прекрасната свадба, која ја направија, многумина уште зборуваат.   Д.М. фото:ФБ