Управата за јавни приходи ја објави Листата на должници бр.02/2020 за долгови доспеани до 31.10.2019 и неплатени до 31.01.2020 година по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини.
На листата се и неколку претпријатија во државна сопственост. Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти должи 51 милиони денари, Јавното комунално претпријатие од Градско должи 3 милиони денари и Јавното претпријатие од Миравци должи 2,5 милиони денари. Тука се и Македонската радио телевизија која должи 15.1 милиони денари, фудбалскиот клуб Вардар со долг од 22,6 милиони денари, а најголем долг има „Ел Дон Кастило Ангел“ ДООЕЛ Експорт-Импорт Скопје од 470.966.599 денари.
На Листата на должници бр.02/2020 објавени се 2071 должници – правни лица (повеќе за 76 од претходната листа) и 2529 физички лица (повеќе за 14 од претходната листа).
Вкупно објавениот нето долг во Листата бр.02/2020 изнесува 10.195.548.760 денари, повеќе за 189.116.316 денари од претходната листа.
Нето-долгот за даноци и придонеси изнесува 10.010.296.594 денари (повеќе за 156.322.034 денари од претходната листа), додека долгот за царински давачки е 185.252.166 денари (повеќе за 32.794.282 денари од претходната листа).