„80 години – Љубов“ е насловот на концертот со кој на утревечер, 28 ноември, со почеток од 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе го прослави својот јубилеј – осумдесет години од формирањето. Како солист ќе настапи нашиот пијанист со блескава интернационална кариера – Симон Трпчески, а концертот ќе го води шеф-диригентот на Македонска филхармонија – маестро Јерухам Шаровски од Израел.

На програмата е светска премиера на „Куклици“ од македонската композиторка Ана Пандевска, како и Концерт за пијано и оркестар во а-мол од Едвард Григ и монументалната Симфонија бр.1 – „Титан“ од Густав Малер.

Свечената церемонија по повод одбележувањето на 80-годишниот јубилеј ќе започне во 19:30 часот, во фоајето на Филхармонијата, со настап на академскиот хор „Мирче Ацев“, кој ќе изведе три композиции од основоположниците на оркестарот на Македонска филхармонија – Тодор Скаловски и Трајко Прокопиев. Публиката ќе има можност да ги чуе „Ленка“ од Прокопиев и „Рапсодија бр.2“ и „Македонска хумореска“ од Скаловски. Со хорот ќе диригира Јасмина Ѓорѓеска–Каро. Во фоајето ќе биде поставена и изложба на фотографии кои го следат историскиот континуитет на Македонската филхармонија и нејзините најзначајни моменти.

Свечениот концерт на Македонската филхармонија преку директен пренос ќе го пренесува МРТ со цел јубилејното чествување да го проследи поголем број на публика, ширум нашата држава. Преносот ќе биде збогатен со дополнителни прилози и содржини, а за време на паузата од отвореното студио на МРТ во фоајето на Филхармонија, гледачите ќе имаат можност да проследат кратки разговори и интервјуа со значајни дејци од музичкиот живот во земјата.

Симон Трпчески е македонски пијанист со светско реноме, а за својата моќна виртуозност и длабоко изразен пристап, како и за харизматичното присуство на сцената постојано добива позитивни критики.

Пред дваесет години започна на меѓународната сцена како уметник од новата генерација на „Би-би-си“, и во својата неверојатно брзорастечка кариера, без ограничувања во музиката, има соработувано со над стотина оркестри на четири континенти, меѓу кои: Лондонскиот симфониски оркестар, Оркестарот филхармонија, Националниот оркестар на Франција, Кралскиот оркестар Концертгебау, Оркестарот Тонхале во Цирих, Германскиот симфониски оркестар во Берлин, Радио-симфонискиот оркестар Берлин и Елбфилхармонијата. Во Северна Америка, тој често настапува како солист со оркестрите во Кливленд и Филаделфија, Лос Анџелес и Њујоршката филхармонија, како и со симфониските оркестри на Чикаго, Сан Франциско, Сент Луис, Сиетл и Балтимор.

Трпчески има работено со голем број истакнати диригенти, меѓу кои и: Лорин Мазел, Владимир Ашкенази, Марин Алсоп, Густаво Дудамел, Кристијан Мачелару, Џанандреа Носеда, Василиј Петренко, Владимир Јуровски, Антонио Папано, Габриел Бебешелеа, Давид Цинман… Неговата долгорочна соработка со Василиј Петренко резултираше со богата дискографија; меѓу другите и заедно со Кралскиот ливерпулски филхармониски оркестар ги снимија сите пијано-концерти на Рахмањинов и пијано-концертите на Чајковски и Прокофјев…

Во 2003 ја доби Наградата за млад уметник од Кралското филхармониско друштво, во 2009 доби Орден за заслуги на Македонија, а во 2011 стана првиот што ја понесе титулата „Национален уметник на Македонија“.

ИЗДВОЕНИ