На отворањето на „Охридско лето“ на 12 јули (21 часот), ќе биде изведен познатиот Концерт за виолина и оркестар во e-moll оп. 64 од германскиот композитор Феликс Менделсон, како и класичната Увертира-фантазија „Ромео и Јулија“ од рускиот композитор Чајковски. Инаку, Џулијан Рахлин е светски познат виртуоз на виолина, но и музички раководител на Симфонискиот оркестар на Ерусалим, шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Кристиансанд и прв гостин-диригент на Филхармонискиот оркестар во Турку. Македонската филхармонија, пак, годинава одбележува 80 години од постоењето под мотото – 80 години љубов! 

 

Оркестарот на Македонската филхармонија и светската музичка ѕвезда, виолинистот Џулијан Рахлин, на 12 јули (21 часот), заедно ќе настапат на свеченото отворање на годинешново 64. издание на најпрестижната меѓународна културна манифестација во државата „Охридското лето“, настан што ќе се случи во прекрасното здание на Античкиот театар. Во рамките на програмата ќе биде изведен познатиот Концерт за виолина и оркестар во e-moll оп. 64 од германскиот композитор Феликс Менделсон, како и класичната Увертира-фантазија „Ромео и Јулија“ од рускиот композитор Петар Илич Чајковски.

Виолинистот Џулијан Рахлин веќе и е познат на македонската публика, од првиот  настапи со Македонската филхармонија во 2017 година, на Божиќен концерт кој се одржа на 7 јануари напладне.

Џулијан Рахлин е светски познат виртуоз на виолина, но и музички раководител на Симфонискиот оркестар на Ерусалим, шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Кристиансанд и прв гостин-диригент на Филхармонискиот оркестар во Турку. Над 30 години неговата кариера го носи на сите светски меридијани како диригент, солист, камерен музичар, педагог и уметнички раководител. Снимките кои критиката ги оценува како исклучителни, ги издаваат на носачи на звук престижните издавачки куќи „Дојче грамофон“, „Сони класикал“ и „Ворнер класикс“.

Од Македонската филхармонија посочуваат дека Рахлин не е само виолинист кој застанал на сцена со некои од најпрестижните светски оркестри и диригенти, туку е и баран диригент низ светот.

„Во изминатите неколку сезони настапува со Симфониските оркестри во Чикаго, Бирмингем, Виена, како и со Европскиот камерен оркестар, Кралската филхармонија во Лондон, Израелската филхармонија, филхармониските оркестри во Осло и Хелсинки, Кралската филхармонија во Ливерпул и Берлинскиот Концертхаус оркестар. Како виолинист пак, застанува на сцена со некои од најпрестижните светски оркестри и диригенти. Музичките фестивали на Рахлин ја рефлектираат неговата пасија кон обединување на изведувачите и публиката во заедничко славење на музиката и уметноста“, велат од Македонската филхармонија.

Тој често соработува со имиња како Марта Аргерич, Евгениј Кисин, Жанин Јенсен и Миша Мајски, а неговиот фестивал „Рахлин и пријателите“, кој се одржуваше повеќе од една деценија во Дубровник, беше светски признат. Од 2021 година Рахлин е уметнички директор на Фестивалот Хербстголд, кој се одржува во палатата Естерхази во Ајзенштад, Австрија. Свири на виолината екс-Либиг изработена од Антонио Страдивари во 1704 година, како и на виолина изработена од Лоренцо Сториони од 1785 година, инструменти кои му се дадени на користење од приватната фондација „Ангелика Прокоп“.

Македонската филхармонија, пак, годинава одбележува 80 години од постоењето под мотото – 80 години љубов!

„Осум децении непрекинато музицирање. Осум децении љубов, страст, неверојатна енергија, уметничка сплотеност. Осумдесет години поминати во прекрасни патешествија, заедно со брилијантни музички умови – илјадници солисти и диригенти кои со себе донесоа илјадници дела од славните музички мајстори, подарувајќи ни различни емоции, креации, хармонии, мелодии, ритми. Ова е првиот и единствен симфониски оркестар во РС Македонија, а со тоа и единствен постојан репрезент на симфониското творештво на македонската музичка сцена“, велат од Филхармонијата.

Во последните декади, особено институцијата го подмлади оркестарот и со тоа внесе нов елан и ентузијазам и силна желба за работа. Денес, звукот е издигнат на висококвалитативно скалило, а својата програма редовно ја збогатува со комплексни и нови, современи дела, кои се предизвик и за светските симфониски оркестри. Инвентивниот и креативен репертоар е во баланс со традиционалните музички вредности и токму тоа ја привлекува публиката, особено новите генерации на слушатели.

Инаку, оркестарот е формиран на 24 ноември во 1944 година, по завршувањето на Втората светска војна и само 11 дена по ослободувањето на Скопје.