Македонската премиера на „Патување пеш“ на Котевска го затвора 15. „Македокс“

56

Македонската премиера на документарецот „Патување пеш“ на режисерката Тамара Котевска, вечерва (22 август), во Куршуми-ан, во 21 часот, ќе го затвори јубилејно 15. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ што стартуваше на 15 август.

„Филмот на Котевска е извонреден уметнички обид кој го следи патувањето на Амал, кукла висока над 3 метри. Амал претставува млада бегалка која патува од сириската граница во Турција, по должината на Европа, обидувајќи се да најде дом. Филмот содржи мешавина од синема-верите и фантастични, делумно напишани сцени кои создаваат бајка за возрасни“. Вака фестивалот „Македокс“ го најавува најновото остварување „Патување пеш“ (The Walk) на Тамара Котевска, позната како коавторка на документарецот „Медена земја“.

Продукцијата на „Патување пеш“ е на Grain Media, зад камерата се Jean Dakar и Самир Љума, монтажата е на Мартин Иванов, а музиката на Дуке Бојаџиев.

По проекцијата на документарецот, кој на „Македокс“ се прикажува надвор од конкуренција, во Куршуми-ан, во 23 часот, следува концерт на Дуке Бојаџиев.

Инаку, вечерва, во 20 часот, ќе бидат доделени и фестивалските награди, „Кромид“, „Млад кромид“, „Сечкан кромид“, „Кокарче“ и Награда за најдобри етички идеи за 15. „Македокс“.

Комисијата за наградата „Кромид“ за најдобар долгометражен документарен филм е во состав Кјара Либерти, Надја Тенштет и Владан Петковиќ. За наградата „Млад кромид“ од селекцијата „Нови автори“ одлучува комисијата во состав Маел Генег, Игор Анѓелков и Ваутер Јансен. Жирито за наградата „Сечкан кромид“ за најдобар краток документарец е во состав Инеке Смитс, Иева Убеле и Мартина Дроанди, а за наградата „Кокарче“ за најдобар студентски документарен филм одлучува комисијата во состав Јустина Грачнер Ботоњиќ, Ива Росандиќ и Јована Ѓорѓиовска. Наградата за филм со најдобри етички идеи на 15. „МакеДокс“, пак, ќе ја објави комисијата во состав Себастијан Кајзер, Драгомир Зупанц и Искра Гешоска. (Н.И.Т.)