Одличните културни врски меѓу Македонија и Хрватска ќе бидат збогатени и со поголема соработка во областа на туризмот и образованието. Македонскиот министер за култура и туризам, Зоран Љутков, во Загреб оствари билатерална средба со министерот за туризам и спорт на Хрватска, Тончи Главина, со што ја започна дводневната работна посета на Хрватска. Министерот Љутков истакна дека имаме ресурси и желба да го развиваме туризмот кај нас, а искуствата на Хрватска, како една од водечките земји во областа на туризмот во светски рамки, ни се драгоцени и се од голема полза и значење за развој и поттикнување на македонскиот туристички потенцијал. Тој го информираше својот хрватски колега за македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, за кој е предвидено својата надлежност да ја прошири и во областа на туризмот и образованието.

Министерот Главина на средбата го презентираше начинот на функционирање на системот и управувачката рамка во областа на туризмот во Хрватска, каде што има шест закони кои ја засегаат оваа значајна област.

Соговорниците се согласија дека е потребно активирање на Мешовитата комисија од областа на туризмот, која ќе биде одлична можност за споделување искуства и размена на практики во туристичката сфера.

Во рамките на посетата Љутков оствари билатерална средба и со хрватската министерка за култура и медиуми, Нина Обуљен Коржинек, со која разговараа за можностите за унапредување на македонско-хрватските културни врски. Во текот на денешниот ден, заедно со директорката Мими Ѓоргоска-Илиевска ќе ги посети и местото каде што е закопан Панко Брашнаров, а вечерта во Концертната сала „Лисински“ ќе присуствува на концерт на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“.

Министерот деновиве ја посети и Словенија, каде присуствуваше на промоцијата на книгата „Златен круг на времето“. Ова луксузно издание, на македонски и на словенечки јазик, илустрирано од реномираниот уметник Боге Димовски, ги обединува сите препејувачи кои во текот на последниве шест децении го препејувале Шопов на словенечки јазик.

Министерот Љутков упати благодарност до Сојузот на македонските културни друштва во Словенија за нивните заложби за промоција на македонската култура, до многубројните преведувачи, меѓу кои е и професорката по македонски јазик, книжевност и култура на Филолошкиот факултет во Љубљана, Намита Субиото, која е авторка на предговорот на оваа книга.

„Личностите како нив, кои се врвни професори и преведувачи на македонски јазик, се големо богатство за нас бидејќи сите тие се наши културни амбасадори. Македонската култура и македонскиот јазик живеат надвор од својата татковина, благодарение на овие трајни пријателства и врски“, нагласи меѓу другото Љутков.

Во просториите на Македонското културно друштво „Св. Кирил и Методиј“ во Крањ, министерот Љутков ја отвори и 8. јубилејна ликовна изложба на академскиот сликар и графичар, Боге Димовски.