Најдобриот македонски автомобилист, Игор Стефановски-Иџе, го освои третото место во последната трка од шампионатот на ридски патеки во Бузет (Хрватска), што му беше доволно да го освои првото место во групата 1 во ова натпреварување.

Иџе со своето Ферари 488 Челинџ Ево заврши на врвот на листата учесници пред Чехот Рони Братшчи кој беше втор, додека третото место му припадна на Хрватот Домагој Перековиќ.

„Македонијо, ова е за тебе! Победник во Европскиот шампионат на ридски патеки во Група 1! Овој успех не е само мој, туку на цела држава. Благодарност до сите кои беа со мене низ овој пат, до мојот неверојатен тим, тимот на Ферари, до моите спонзори и до сите вас кои ни давате безрезервна подршка во сето ова“, порача Иџе.

Тројниот европски шампион овојпат не можеше да се бори за првото место во севкупниот генерален пласман, но затоа беше најдобар во својата група и уште еднаш потврди дека е вистински мајстор за тркање на ридски предели.