Македонската кошаркарска репрезентација ќе биде посилна за нов Американец, откако на списокот на селекторот Александар Јончевски за ноемвриските квалификации, и мечевите со Норвешка (10 ноември) и со Данска (13 ноември) во Гевгелија, се најде најдобриот стрелец во Бундеслигата – Ти Џеј Шортс.

Намерата на стручниот штаб на нашата сениорска селекција и на раководството на федерацијата, да натурализира плејмејкер кој ќе помогне во наредниот период, а почнувајќи од вториот круг на претквалификациите за Европското првенство во 2025 година се остварува со ангажманот на Шортс.

Станува збор за плејмејкер кој од пред неколку месеци е член на бундеслигашот Телеком Бон, а и претходните две сезони играше во германското првенство. По една сезона помина во Хамбург Тауерс и Краилсхајм Мерлинс, а првата професионална година во европската кошарка ја помина во летонскиот Вентспилс.

Минатата сезона беше најдобар стрелец со 20,6 поени и играч со највисок просечен индекс во Бундеслигата (22,3).

Дваесет и петгодишниот Шортс е висок е 175 сантиметри и оваа сезона игра фантастично во дресот на Телеком Бон кој по првите четири кола просечно постигнува по 17 поени, 7 асистенции и 2 скока, со индекс 16 и е најефикасен и играч со највисок ефект во својата екипа. За тројка шутира со над 50% (8/15), а вкупно од поле со 44% (15/34). Се истакнува и со играта во одбрана бидејќи просечно бележи по 1,3 украдени топки со што е втор во тимот на Телеком Бон.

Во Лигата на шампионите е уште подобар, на три натпревари просечно постигнуваше по 26,7 поени и 7,7 асистенции со индекс 29,3.

Инаку, покрај Шортс, на списокот се најдоа и стандардните репрезентативци Бобан Стајиќ, Андреј Магдевски, Војдан Стојановски, Адем Мекиќ, Дамјан Робев, Бојан Крстевски, Виктор Ефремовски, Андреј Маслинко, Страхил Николов, Амар Хот, Кристијан Николов, Стојан Ѓуроски, Теодор Симиќ. На списокот ги нема Ненад Димитријевиќ и Андреј Јакимовски, поради клупските обврски со Уникс и Вашингтон универзитет.