Македонија ја поделија, ропствата се менија, но борбата не престана! Честит Илинден!

„Македонија ја поделија, ропствата се менија, но борбата на македонскиот народ не престана”. Ова се зборови на најстариот делегат, учителот Панко Брашнаров од Велес и сведок на двата Илиндена, на отворањето на Првото заседание на АСНОМ, на 2 август 1944 година. И навистина борбата не престана. Традиционалното чествување на Илинден, Македонија оваа јубилејна година го дочекува со многу предизвици и во жешка политичка атмосфера, повторно исправена пред борба, овој пат за зачувување на идентитетот и историјата, во услови кога источниот сосед става пречки на македонските евроинтеграции и го прогласува најголемиот македонски празник за бугарски, како Илинденско-преображенско востание. Македонија, на 2 Август, одбележува 120 години од Илинденското востание и создавањето на Крушевската Република и 79 години од Првото заседание на АСНОМ и формирањето на првата македонската држава. Историчарот и претседател на Здружението на историчари на Македонија, Митко Панов, во изјава за весникот Вечер порачува дека „каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме”. Тој вели дека историјата постојано нѐ поставува „пред судбоносна проба“ за константно зачувување на државноста.

272

„Македонија ја поделија, ропствата се менија, но борбата на македонскиот народ не престана”. Ова се зборови на најстариот делегат, учителот Панко Брашнаров од Велес и сведок на двата Илиндена, на отворањето на Првото заседание на АСНОМ, на 2 август 1944 година. И навистина борбата не престана. Традиционалното чествување на Илинден, Македонија оваа јубилејна година го дочекува со многу предизвици и во жешка политичка атмосфера, повторно исправена пред борба, овој пат за зачувување на идентитетот и историјата, во услови кога источниот сосед става пречки на македонските евроинтеграции и го прогласува најголемиот македонски празник за бугарски, како Илинденско-преображенско востание. Македонија, на 2 Август, одбележува 120 години од Илинденското востание и создавањето на Крушевската Република и 79 години од Првото заседание на АСНОМ и формирањето на првата македонската држава, а оваа година се навршуваат и 130 години од формирањето на Македонската револуционерна организација, која на Смилевскиот конгрес одлучила да се крене општо ослободително востание.

Историчарот и претседател на Здружението на историчари на Македонија, Митко Панов, во изјава за весникот Вечер порачува дека „каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме”. Тој вели дека историјата постојано нѐ поставува „пред судбоносна проба“ за константно зачувување на државноста.

 -Победничкиот порив за извојување финална победа над фашизмот под девизата да се биде „слободен народ во слободна држава“ е рефлектиран во Манифестот и во одлуките на АСНОМ од 2 Август 1944 г. Со АСНОМ се заокружуваат „вековните идеали на македонскиот народ” за формирање на „втората, по Самуила, македонска држава“, втемелена на „принципите на правото за самоопределување”, „искрена солидарност и мир меѓу балканските народи” и „правата на полна слобода и рамноправност на сите народности во Македонија”. Нашите македонски државотворци го пренеле генерацискиот завет дека историјата постојано нѐ поставува „пред судбоносна проба“ за константно зачувување на државноста, порачувајќи: „Каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме!”, вели историчарот Панов во изјава за весникот Вечер.

Традиционалната илинденска коњаница го одржа својот поход кон Крушево и Мечкин Камен по 45. пат и покрај тоа што годинава манифестацијата „Илинденски марш“ се одржа без поддршка од Министерството за култура.

По принципот на ротација, оваа година во Крушево на Мечкин камен ќе биде претседателот на Собранието, Талат Џафери. Претседателот Стево Пендаровски на чествувањето Илинден ќе биде на Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце и ќе ја предводи државно-црковната делегација во посета на манастирот „Св. Прохор Пчињски“. Според информациите од кабинетот на шефот на државата, во манастирот каде што биле удрени темелите на АСНОМ, Пендаровски ќе биде пречекан од претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по што двајцата претседатели ќе остварат билатерална средба.

Премиерот Димитар Ковачевски ќе се обрати пред споменикот на Слободата – „Сила, слава и победа“ на тврдината Кале во Скопје. Во состав на владината делегација, заедно со Ковачевски ќе бидат и првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерката за одбрана Славјанка Петровска. Токму присуството на Груби на скопското Кале, предизвика реакции во јавноста, затоа што тој во 2011 година на Кале ги предводеше инцидентите против изградбата на црква-музеј на тврдината, кога толпата меѓу која беше и тој маваа со камења кон новинарите.

Илинденското востание било востание на македонскиот народ против османлиската власт и има особено значење во историјата на македонскиот народ, како потсетник на историската борба и вечниот стремеж на македонскиот народ за слобода и за автономна Македонија. 41 година по Илинденското востание, на 2 август 1944 година е одржано и Првото заседание на АСНОМ во манастирот „Св. Прохор Пчињски“, кога биле поставени темелите на македонската држава. (В.С.Н.)