Со денешните избори кај источниот сосед завршуваат изборните процеси во двете земји, кои изминатиот период делегираа интензивна предизборна реторика во однос на македонско-бугарските односи и актуелното прашање околу вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав. Јавноста беше сведок на остри наративи, но меѓу другото, пораките на властите во земјава беа дека очекуваат по изборите во Бугарија да се формира политичка, наместо досегашната техничка Влада, која ќе има легитимитет да разговара за спорните прашања. Во меѓувреме, по бројни средби со европски претставници во Берлин и во Брисел, како и по посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен на земјава минатата недела, македонскиот премиер Христијан Мицкоски не отстапува од својот став дека нема да има уставни измени под бугарски диктат, туку дека измените можат да бидат само со одложено дејство и тоа тогаш кога бугарскиот Парламент ќе го ратификува Пристапниот договор на Македонија во рамките на Европската Унија.
Премиерот Мицкоски викендов изјави дека сега е беспредметно да се испраќа писмо до Европската Унија затоа што вели сè она што требало да биде содржано во писмото веќе е разговарано со лидерите од Европската Унија и со претседателката Урсула Фон дер Лајен, која беше во посета на земјава. За Мицкоски, позицијата на земјава е јасна – за да почне процесот на уставни измени потребно е бугарскиот Парламент да го ратификува Пристапниот договор на нашата држава за влез во Европската Унија.
– За да почне процесот на уставните измени потребно е она што ние го предлагаме да биде прифатено, а тоа е кога бугарскиот Парламент ќе го ратификува Пристапниот договор на нашата земја во рамките на Европската Унија, да важат тие уставни измени. Мислам дека е тоа фер решение за сите, имајќи ја предвид состојбата во којашто не доведе Владата во која клучниот збор го имаше Бујар Османи и зад себе ги водеше Маричиќ и Ковачевски. Сега дознавам што се правело во тој период и навистина шокирачки се тие информации, затоа жестоко се бориме. Друг тип на уставни измени додека сум јас премиер нема да има, ултиматуми и диктати нема да прифаќам, рече Мицкоски.
Во однос на изборите во Бугарија, македонскиот премиер рече дека не би можел да издвои кој би бил подобар соговорник, но дека логично е дека сака да победи партијата на Борко Борисов, со која се дел од Европската народна партија.
– Не би можел да издвојам кој би бил подобар соговорник, но можам да кажам дека со партијата ГЕРБ, што ја води Борко Борисов, сме во исто семејство во европската народна партија и логично е да посакам политичка партија која доаѓа од нашето семејство да победи на изборите. Би било нелогично ако се однесувам како некои од лидерите коишто се дел од нашето семејство во Европската народна партија се однесуваа во минатото кои помагаа и соработуваа со левичарски опции вклучително и овде кај нас во Македонија, рече Мицкоски.
Министерот за европски прашања и главен преговарач со Унијата, Орхан Муртезани, во петокот изјави дека уставните измени остануваат услов за почеток на преговорите по кластери, но тој смета дека неодбивањето на претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен на нашиот предлог значи дека се создава простор за потенцијално решение.
-Условот за уставни измени стои, промената се однесува на неодбивањето на претседателката на ЕК на нашиот предлог без притоа да се конкретизира предлогот, меѓутоа неодбивањето значи дека се создава простор кој нас би можел да нè води до потенцијално решение. Новината од посетата е тоа и мислам дека веќе е конкретизирано дека таков простор постои и ќе се интензивира следната недела откако ќе завршат изборите во Бугарија, истакна Муртезани.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на посетата на Македонија, во четвртокот, порача дека ЕУ има јасна цел, а тоа е што е можно поскоро да се отвори кластерот фундаментални вредности во пристапните преговори на Македонија во Унијата, но за тоа е потребно да поминат уставните измени на кои земјава се обврзала. Фон дер Лајен побара политичките сили во земјава да се здружат и да „ги преземат потребните одлучни чекори за напредок“. Премиерот Мицкоски, пак, ѝ порача на претседателката на ЕК дека Македонија очекува Унијата да ни помогне како да ги продолжиме евроинтеграциите „уважувајќи ги легитимните ставови на нашите граѓани дека во иднина нема да се соочуваме со барања кои се во длабока спротивност со идеите на кои почива самата ЕУ“. Ниту Фон дер Лајен ниту Мицкоски не открија дали идејата за уставни измени со одложено дејство е прифатливо за Брисел.