Македонија убедливо поразена од Шпанија, мечот со Исланд за „црвено – жолтите“ е финале

43

Македонската ракометна репрезентација го претрпе и вториот пораз во четвртиот натпревар на Светското првенство во Германија и Данска. Избраниците на селекторот Раул Гонзалез, овој пат се поразени од евроскиот шампион, селекцијата на Шпанија со 32:21

„Црвено – жолтите“ одлично го отворија натпреварот и во поголемиот дел од првото полувреме беа во водство од еден – два гола. Но, не успеаја да ја задржат предноста до крајот на полувремето. Шпанците направија пресврт и со минимални 13:12 заминаа на одморот.

На стартот од вториот дел „црвено – жолтите“ беа непрепознатливи на теренот, многу грешеа, а ова го искористија Шпанците и се одлепија на пет разлика. По ова Гонззалез го повлече првиот тим од теренот и шанса им даде на помладите што беше причина „црвената фурија“ да победи со голема разлика.

Никола Митревски со 15 одбрани беше најдобар поединец во нашите редови, а во нападот најефикасни беа Пешевски со шест, Лазаров со пет и Кузмановски со четири погодоци.

Македонските ракометари утре во 18 часот го играат решавачкиот натпревар за пласман во втората рунда, директната пресметка со Исланд за третото место во групата.