Македонската ракометна репрезентација ги доби противниците во квалификациите за Европското првенство во 2022 година, откако денешната ждрепка посака да играме во „Групата 7“ заедно со Данска, Швајцарија и Финска.

Ова значи дека „црвено-жолтите“ ќе имаат не толку тежок пат до ЕП 2022 година, со оглед на тоа дека Данците се апсолутни фаворити за првото место во групата, Швајцарија ни е стар познаник кој редовно го победувавме последните неколку пати, додека единствен „аутсајдер“ во групата е Финска.

Пласман на ЕП 2022 ќе обезбедат двете најдобри селекции од секоја група, како и четирите најдобри третопласирани репрезентации, со што уште повеќе се зголемуваат нашите шанси за одржување на континуитетот од настапи на големите натпреварувања.

Новиот квалификациски циклус ќе стартува на 4 ноември, а ќе заврши на 2 мај 2021 година. Директен пласман на ЕП 2022 покрај домаќините Унгарија и Словачка обезбедија и финалистите од последниот европски шампионат, Шпанија и Хрватска.