Македонија не може да произведе храна ниту за домашни потреби

94

Државата мора сериозно да се посвети на поголема искористеност на земјоделскиот потенцијал, бидејќи и покрај географската местоположба и благодатите што ги дава климата, Македонија е зависна од увоз на храна

 

Малите и расцепкани земјоделски парцели, климатските промени и големиот дел од необработените површини се главните причини зошто Македонија увезува храна и зошто приносите се далеку од регионалниот просек. И покрај милионските суми кои државата секоја година ги издвојува за земјоделски субвенции Македонија месечно за увоз на храна троши околу 50 милиони евра. Зголемен е увозот на речиси сите прехранбени производи, од земјоделска до готова храна, а главна причина за тоа е македонското дефицитарно производство.

Според статистичките податоци Македонија има 4.170 квадратни километри под ниви и ораници, но од нив се обработуваат само нешто под 2.800 квадратни километри. Експертите предупредуваат дека државата мора сериозно да се посвети на поголема искористеност на земјоделскиот потенцијал, бидејќи и покрај географската местоположба и благодатите што ги дава климата, Македонија е зависна од увоз на храна.

Очигледно ни недостасуваат повеќе преработувачки капацитети, бидејќи доматите, пиперките или цвеклото од македонските ниви се преработуваат во соседните земји и се враќаат во македонските продавници како зимница или кечап. Смокви, вишни и сливи од јужните делови на земјава по краток пат до соседството ни се враќаат во тегла како мармалад, компот или слатко. Преспанските јаболка ни се враќаат во тетрапак пакување. Ниту третина од асортиманот на негазирани сокови во македонските маркети не е од домашно производство, иако овошје имаме во изобилство. На рафтовите покрај македонскиот ајвар, лутеница, корнишони, стојат и увезени од Србија, Хрватска и други земји, каде што Македонија најмногу извезува зеленчук.

Од друга страна во Македонија има над 50 илјади хектари кои веднаш би можеле да се обработуваат и да се насадат со житни култури, овошје и зеленчук. Ние сме нето увозници на сите овие култури и трошиме милиони евра, а доколку ги произведуваме би можеле не само да ги задоволиме домашните потреби, туку и да извезуваме, велат експертите.

Од странство купуваме пченица за да имаме доволно леб, смрзнато месо за да може да работи преработувачката индустрија, како и сончоглед, кој одамна го нема на македонските ниви. Увезуваме и риби и преработки од риби, чај, какао и зачини, јајца и додатоци за исхрана. Од странство се купува и добиточна храна и ѓубрива.

Според ДЗС речиси половина Македонија е под земјоделско земјиште – ниви, лозја и пасишта, а половина од ова останува непосеано и необработено. Од вкупната површина на државата, 25.713 квадратни километри, 12.670 квадратни километри или 1.267.000 хектари се земјоделска. Најголем дел или 7.500 квадратни километри се пасишта, ораници и бавчи се 4.170 квадратни километри, ливади 590 квадратни километри, лозја 240 квадратни километри, а овоштарници 160 квадратни километри.

(А.С.)